за

Новиот Mercedes S-Class може да биде попаметен од возачот

Тоа што го почна Mercedes E-Class, сега продолжува во уште поубедлив обем со претстојното моделско освежување на знаменосецот S-Class. Системите за асистенција преземаат сé поголем дел од работата на возачот – доколку тоа се побара од нив.

Наесен Mercedes ќе го претстави освеженото моделско годиште на својот знаменосец, со сензационални зафати во подрачјето на автономното возење. Новиот S-Class речиси целосно ќе го растовари возачот од грижа за растојанието од возилата напред, па дури ќе ја презема и командата со воланот. Интелигенцијата во S-Class самостојно ќе ја поднамали брзината и доколку свијокот е премногу остар. Има и систем што буквално го паркира возилото на помошната лента доколку возачот заспие зад воланот или има здравствени проблеми. Менувањето ленти е речиси детска игра.

Автономното возење напредува во Mercedes повеќе од очекувањата

Тоа што камерите и радарите во освежениот S-Class ќе работат подобро од досега не е неочекувано. Одушевувањето за технофилите повеќе следува од фактот што интелигенцијата на лимузината отсега ги зема во предвид и податоците што се добиваат преку системот за навигација.

Возачот во секое време има увид кои „помошници“ се активни во моментот, преку јасни икони во инструментите или на проекцискиот дисплеј. Ракувањето со сите функции се врши преку воланот. Притоа безбедноста секогаш е во преден план, ова е сепак Mercedes, марката што го има впишано своето име на многубројни револуционерни решенија во полето на безбедноста.

Вака функционираат системите за асистенција во новиот Mercedes S-Class:

Активен асистент за растојание Distronic

Mercedes S-Class - Asistent za brzina

Пред свијоци, крстосници или наплатни рампи, брзината што е избрана преку Distronic се смалува соодветно и потоа повторно се зголемува. S-Class реагира и кога ќе се зададе рутата преку навигацијата. Доколку возилото е на десната лента, тоа забавува пред соодветниот излез од автопатот. Истото се случува и на крстосници на коишто според навигацијата треба да се скршне или кога возачот ќе ги вклучи трепкачите.

Колку силно ќе биде запирањето, зависи од избраната програма за возење – еко, комфорна или спортска. Во еко-модусот, брзината во свијоци ја регулира асистентот за управување. Тоа значи дека автоматското возење станува реалност на подолги релации и кога се вози по споредни патишта. На автопат, Distronic го регулира растојанието од возилата напред и ја следи лентата, во брзинско подрачје меѓу 0 и 210 km/h.

Mercedes S-Class - Asistent za brzina

Електрониката сега ги зема предвид и надолнините. За рамномерно и штедливо возење, брзината навреме се смалува. Доколку верзијата на S-Class поседува погон што подржува функција „едрење“, односно возење со исклучен мотор, при вклучен еко-модус, функцијата се вклучува автоматски.

Активен асистент за промена на лента

Mercedes S-Class - Asistent za promena na lenta

Mercedes S-Class - Asistent za promena lenta

Кога возачот сака да се престрои на пат со повеќе ленти (што електрониката го „знае“ преку податоците од навигацијата) во брзинското подрачје меѓу 80 и 180 km/h, за тоа е доволно само да се повлече рачката на трепкачот. Потоа сензорите десет секунди проверуваат дали лентата е слободна пред, покрај и зад возилото, земајќи ја предвид брзината на останатите возила. Доколку нема возило, системот автоматски ја престројува лимузината.

Активен асистент за брзинско ограничување

Mercedes S-Class - Asistent za brzina

Овој асистент е дополнителна функција на системот за сообраќајните знаци и преку камера ги чита брзинските ограничувања, патоказите и ознаките за градилишта на патот, дополнително користејќи ги и податоците од Comand Online. Брзината соодветно се смалува, а во одредени случаи системот може да реагира и предвреме, врз основа на навигациските податоци.

Следење колона во застој

При застој на автопат, со постојано поаѓање и запирање, отсега се можни прекини во траење до 30 секунди, во коишто S-Class поаѓа автоматски и ја следи колоната.

Активен асистент за итно запирање

Mercedes S-Class - Zapiranje vo iten slucaj

Mercedes S-Class - Aktiven sistem za zapiranje vo iten slucaj

Системот го сопира возилото во сопствената лента до целосно запирање, кога ќе препознае дека возачот во подолг интервал не реагира на сообраќајот додека е вклучен активниот асистент за следење лента. Доколку возачот не посегне по воланот, се активира звучен и оптички аларм. Овој аларм се повторува неколкупати и доколку возачот се уште не реагира со посегнување по воланот, забрзување, сопирање или ракување со соодветното копче, возилото самостојно запира. Кога брзината ќе се спушти под 60 km/h се вклучуваат безбедносните трепкачи, заради предупредување на возилата одзади. Кога возилото ќе запре, паркирната сопирачка се активира и се повикува службата на Mercedes. Возилото се отклучува заради полесен пристап на екипите за брза помош.

Активен асистент за сопирање

Активниот асистент за сопирање со функција за крстосница спречува судир во возила што мируваат, возат напред, наидуваат попречно, како и удар во пешак, во случај кога возачот не реагира на опасноста што ја препознаваат сензорите. Прво се појавува симбол за предупредување за опасно растојание, потоа се слуша и звучен сигнал. Доколку возачот не реагира на предупредувањето, системот самостојно го запира возилото.

Асистент за обиколување пречка

Mercedes S-Class - Asistent za izbegnuvaje precka

Системот му помага на возачот да ја обиколи пречката кога електрониката ќе препознае пешак во опасното подрачје пред возилото и кога возачот се обидува да ја избегне опасноста, свртувајќи го воланот соодветно. Откако ќе се избегне опасноста, системот потоа помага возилото безбедно да се врати во својата лента.

Активен асистент за следење лента

Преку вибрации во воланот го предупредува возачот во брзинското подрачје меѓу 60 и 200 km/h при несакано напуштање на лентата, но и го враќа возилото во лента преку еднострано сопирање. При испрекината лента, системот реагира на овој начин само кога постои опасност од судир, на пример со возило отспротива.

Активен асистент за мртов агол

Оптичко предупредување на возачот при опасност од страничен судир со други возила, вклучувајќи и велосипеди. Акустичното предупредување се вклучува дополнително во брзинското подрачје меѓу 10 и 200 km/h, кога возачот ќе пушти трепкач. Над 30 km/h се случува и автоматско еднострано сопирање во последниот момент, заради избегнување на страничниот судир.

Асистент за сообраќајни знаци

Mercedes S-Class - Asistent za brzina

Преку препознавање знаци и преку информациите од дигиталната патна мрежа на навигацискиот систем се добиваат дозволената брзина и забраната за престигнување на тековната делница, како и пешачките премини. Во предвид се земаат и дополнителни знаци, како брзинско ограничување при дожд и слично. Доколку возачот го надминува дозволеното темпо, тоа се прикажува со оптички и акустичен сигнал. Се препознаваат и знаци за забранет правец, се вклучува предупредување кога има пешак на преминот пред возилото.

Комуникација Car-to-X

Информациите за опасните ситуации што возилото ги препознало во сообраќајот им се пренесуваат на останатите корисници на Car-to-X, заради нивно навремено предупредување. Овие дојави се прикажуваат на дисплејот на Comand Online. При доближување до опасноста може да се вклучи и говорно предупредување.

Активен асистент за паркирање

Системот опремен со Parktronic и камера за рикверц помага при барање место за паркирање, при паралелно или попречно паркирање и излегување. Возилото автоматски се поставува на избраното место. Во комбинација со асистентот за мртов агол се активира и предупредување за возило што наидува од попречен правец, додека во рикверц се излегува од паркирното место. По потреба, системот ги активира сопирачките. Во комбинација со камера за 360 степени, приказот се постигнува преку четири камери и истиот се појавува во полна резолуција на централниот дисплеј.

Асистент за далечинско паркирање

За полесно паркирање на возилото на тесно паркирно место или гаража, преку паметен телефон, попречно или паралелно, нанапред или наназад. Во „модус за истражување“, возилото може да се насочува право до петнаесет метри нанапред или наназад. На тесни пасажи се собираат и ретровизорите.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Знаменосецот на Opel го владее и теренот: Insignia Country Tourer

Тест на летни гуми на клубот АДАК