за

Новиот Hyundai i20 ќе добие турбобензинец со 120 КС

Hyundai i20

Моторите со три цилиндри и турбонатполнење прераснаа во стандард во класата на градските возила. Од година, таков мотор ќе се вградува и во новиот i20 на Hyundai.

Новиот модел на Hyundai во класата на Volkswagen Polo уште не стартувал со продажбата, а Корејците веќе најавуваат нова погонска единица во нивниот најзначаен новитет за претстојната година. Заедно со новиот бензинец со турбонатполнење и директно впрскување, Hyundai ќе воведе и седумстепен менувач со двојна спојка во својата понуда. Обата новитета беа претставени денес на салонот во Париз, којшто завршува в недела.

Новиот мотор 1.0 T-GDI од серијата Kappa е прв од новата генерација на „даунсајзинг-мотори“ на Hyundai, чијашто заедничка карактеристика ќе биде значително намалена потрошувачка на гориво и почиста емисија. Моторот со три цилиндри и зафатнина од 998 сантиметри кубни е базиран врз постоечкиот еднолитарски Kappa, но дополнително поседува систем за директно впрскување на горивото и мал турбополнач. За развојот на моторот со 120 КС и вртежен момент од 172 Nm беше задолжен центарот на Hyundai во германскиот Риселсхајм. Првото вградување на 1.0 T-GDI ќе биде во текот на следната година во новиот Hyundai i20.

Впрскувањето на горивото се врши преку инјектори со шест отвори, под притисок од 200 бари. Ефикасното согорување што резултира од технологијата GDI овозможи моторот да ја исполни нормата Euro 6, три години пред нејзиното стапување во сила во 2017 година. Заради оптимизација на работата, моторот има два одвоени системи за ладење. Блокот на моторот се загрева побрзо, заради намалување на триењето, додека главата на моторот се одржува на пониска температура, што оди во корист на впрскувањето и согорувањето. За моторот да има минимални димензии, издувната цевка е интегрирана во главата на моторот, кадешто во исто време се лади поефикасно преку системот за ладење.

Во основа, при конструкцијата на моторот се применети истите начела што и Volkswagen ги користи во новите генерации на мотори за платформата MQB. Заедно со турбобензинецот, премиера во Hyundai ќе доживее и седумстепен менувач со двојна спојка. Овој менувач со ознака 7DCT ќе почне да се вградува во компактот i30 во текот на следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Peugeot Boxer претставен на „Технома“

Hyundai започна со производство на новиот i20 во Турција