за

Новиот Datsun е само копија на Lada Granta?

Русите го добија првиот домашно произведен автомобил од јапонска марка. Новиот Datsun on-Do не е ништо повеќе од Lada Granta со сменет нос и опаш. Се чини дека некој ги влече Русите за нос.

Русите денес го добија последниот член во моделското семејство на реанимираниот Datsun, лимузината on-Do. Овој автомобил веројатно нема да се продава на европскиот пазар, но за Русите е многу значаен модел. Соодветно на големите очекувања на Nissan, како мајка фирма на Datsun, од продажбата на моделот на големиот руски пазар, во последните неколку седмици постојано беа лансирани „тизери“, прво со дизајнерска скица од идниот модел, а потоа и со конкретна слика од носот на серискиот модел. Но, сега се забележува дека воопшто немало потреба од создавање толку голема неизвесност околу изгледот на новиот автомобил на Русите. Datsun on-Go не е ништо друго туку благо редизајнирана изведба на Lada Granta!

Страничната силуета најверно ја открива основата на возилото. Околу изгледот се чини како да се водела тешка битка меѓу стилот што сакале да го негуваат руските и јапонските дизајнери. Предната маска има остри линии и впечатлив хромиран раб небаре е англиски седан, додека опашот изгледа како судир на Renault и Opel. Не е случајно тоа што лимузината на Datsun во задниот дел потсеќа на традиционалните натпревари на француската марка во грдотилак во триделните каросериски изведби на Clio. Французите сепак поседуваат најголем дел од акциите во Avtovaz, производителот на Lada.

Каросеријата е долга 4,34 метри, широка 1,70 и висока 1,50 метар. Багажникот има зафатнина од 530 литри, слично како Skoda Rapid, како модел што е особено ценет по големиот простор за товар. Под хаубата работи 1,6-литарски бензинец со 87 КС, директно преземен од Lada Granta. Тоа воопшто не треба да претставува изненадување покрај фактот што новиот Datsun се произведува во фабриката на Avtovaz во Тољати. Почетната цена на On-Do ќе изнесува помалку од 400.000 рубљи, односно околу 8.300 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW само за ќеф на Грците: 520i со мотор од 1,6 литар

Колку чинат сообраќајните прекршоци во европските земји