за

Новиот Audi A8 во завршно тестирање пред дебито во Франкфурт

Во септември повторно се вжештува битката за тронот на луксузните лимузини. Audi ќе го претстави новиот знаменосец A8, а неговиот сокриен адут се матричните светла.

Покрај изобилството од технички иновации во новата класа S на Mercedes, на конкурентите им е потешко да го привлечат вниманието. На салонот во Франкфурт во септември, Audi ќе се впушти во нов обид да го симне од тронот луксузниот крстосувач со сребрена ѕвезда, иако бројките на продажбата заостануваат зад оние на класата S и на серијата 7 на BMW. Со темелен фејслифт на лимузината, Audi ќе го оправда мотото „Напредок преку техниката“.

Адут во ракавот на A8 се матричните светла со светлечки диоди. Тие се состојат од по пет светлечки диоди, кои што се управуваат одделно и поседуваат вкупно 966.105.422 теоретски сценарија на осветлување на патот.

Досегот на светлата изнесува до 300 метри, а бојата на светлото е речиси идентична со онаа на дневното светло, што го прави возењето попријатно и помалку заморно. Во случај кога отспротива наидува автомобил, интелигенцијата на светлата не го соборува целиот светлосен сноп, туку само снопот од светлата кој што би го заслепил другиот возач, со што се задржува прегледноста на патот. Покрај безбедносниот фактор, светлечките диоди во матричните светла на Audi имаат предност и во заштедата на енергија, а со самото тоа и во потрошувачката на гориво, затоа што трошат помалку струја од ксенонските или обичните халогени светла.

Во надворешниот стил на возилото не се менува многу. Сликите од прототипите укажуваат на благи промени во предниот и задниот дел. За возачот ќе стојат на располагање последните системи за инфотејмнент и навигација на Audi, вклучувајќи и пристап на интернет. Под хаубата ќе работат моторите од актуелниот модел, во дијапазон од основниот трилитарски дизел до дванаесетцилиндарецот во W. Новитет е дизелот со 313 КС, кој дебитираше во A6, како и осумцилиндарскиот дизел со 382 КС од Porsche Cayenne S Diesel. Врвот на понудата како и досега ќе го заокружува спортската варијанта S8, а ќе се нудат и верзијата со хибриден погон, како и изведбата со продолжено меѓуоскино растојание.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel Adam има најдобро мрежно поврзување во класата

Најсилната верзија на класата S вози со 585 КС