за

Нова Ford Puma и иден бестселер на марката

Ford Puma 2020
Ford puma 2020

Ford Puma пристига како најважно освежување на марката во понудата од модели во сегментот на СУВ и кросовери. Дигитални инструменти, багажник од 456 литри, електромотор за задниот капак, благ хибрид со 155 КС. Тука апсолутно ништо не недостига.

Ford имаше фантастичен погодок со Fusion, робусниот ван врз основа на Fiesta, во раните 2000-ти години. Кога дојде време за наследник, Ford создаде одличен ван и го понуди како B-Max. Но, во меѓувреме, пазарот повеќе се интересираше за една друга сорта возила, за малечките кросовери. Во сегментот што уште оттогаш бележи џиновски раст и нема марка што го одминува, Ford го понуди Ecosport. Моделот од бразилско производство се продава како топла феижоада во тамошните региони, меѓутоа европските купувачи во него не видоа конкурент на Renault Captur или Nissan Juke. Тоа ќе се смени драстично од следната година.

Кросовер на местото на некогашното малечко купе, но во двата случаи со нагласок на возните својства кои ги обезбедува платформата од Fiesta

Puma се враќа како моделско име во понудата на Ford, но место некогашното купе на база на Fiesta, името отсега означува малечок кросовер. „Малечок“ е релативно. Ford Puma стартува со продажба на германскиот пазар во почетокот на 2020 година, како кросовер во стил на СУВ – мошне искрено од Ford – долг 4,19 метри и висок 1,54 метар.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Убав детал се светлата што се поставени високо и повлечени се кон крилата. Секако дека и Puma го има својството што досега привлече милиони возачки и возачи во овој сегмент, а тоа е повисокото седење. За багажникот од 456 литри, Ford тврди дека е најголем во класата.

Производството започнува во февруари, потоа следуваат и испораките на најголемите европски пазари

Производството ќе се одвива во Крајова/Романија, во погоните во кои некогаш се изработуваше и Ford B-Max. Од 2008 година, тука е вложена 1,5 милијарда евра.

Посебност на Ford Puma во острата конкуренција ќе бидат возните својства, кои доаѓаат заедно со основата од Fiesta. Задната оска е повеќе „стегната“ отколку во Fiesta, амортизерите се поголеми, лежиштата се покрути и соодветно е сменета геометријата на подвозјето.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Не треба многу умешност да се погоди дека понудата од мотори ја сочинува 1,0-литарскиот EcoBoost, единаесеткратен „светски мотор“. Нова е комбинацијата на моторот со 48-волтен хибриден систем, односно таканаречен благ хибрид. Системската моќност кај оваа верзија изнесува 155 КС.

Во почетокот на продажбата, понудата ќе ја дополнува 1.0 EcoBoost со 125 КС, а малку подоцна ќе следи и 1,5-литарскиот дизел, исто така со 125 КС.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Системите за асистенција се уште едно омилено подрачје во Ford и тоа се гледа и во Puma: Радарски темпомат, камера за знаци, а во комбинација со автоматски менувач и, самостојно запирање и поаѓање при возење во колона. Не недостига и систем за слсдење лента. Преку комуникација на возилото со „облак“, возачот добива предупредување за опасност на патот непосредно пред да се приближи до местото.

Првпат во сегментот се нуди помош од електромотор за ракувањето со задниот капак. Истото важи и за предните седишта со масажна функција во делот на слабините. Двете ставки ќе бидат достапни како дополнителна опрема.

Puma ја дополнува понудата од кросовери и СУВ-модели на Ford во моментно најважното подрачје

Европскиот пазар ја добива новата Puma како дополнување меѓу кросоверите Fiesta Active и Focus Active, секако Ecosport, новата Kuga, Edge и новиот СУВ-знаменосец со плагин-хибриден погон, Explorer. Секој петти автомобил што Ford го продава на европскиот пазар е СУВ или кросовер. Лани, продажбата на марката во овој сегмент порасна за близу една петина во споредба со 2017 година.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Неколку брзи факти за новата Ford Puma:

  • Достапна во четири нивоа на опрема: Titanium, Titanium X, ST-Line и ST-Line X.
  • Нарачките за најголемите европски пазари започнуваат веќе летово, а испораките следат во почетокот на следната година
  • Нивото ST-Line X доаѓа со бандажи од 18 инчи, спортско подвозје, сјајна црна маска, спортски волан со зарамнета основа, алуминиум за педалите, црн таван и црвени штепови на седиштата во комбинација од кожа и платно. На тоа следат и дигитални инструменти од 12,3 инчи
  • Мега-кутија во багажникот, којашто служи како подлога за оставање на груба и валкана спортска опрема, изработена целосно од пластика и лесна за чистење, меѓу другото и со отвор за истекување вода.
  • Puma е прв модел на Ford достапен со благ хибриден погон, сочинет од стартер-генератор (16 КС, 50 Nm) со погон преку ремен, 48-волтна мрежа, литиум-јон батерија, повраток на енергијата при сопирање и 1,0-литарски EcoBoost, за системска моќност од 155 КС.
  • За 1.0 EcoBoost со 125 КС подоцна ќе биде достапен и 7-степен автоматски менувач
  • Сеопфатен пакет од системи за асистенција Ford Co-Pilot360, со 12 ултразвучни сензори, три радари и две камери
  • Првпат во сегментот е достапна камера за рикверц со „Split-View“
  • Индуктивно полнење мобилен телефон
  • Аудиофилско озвучување Bang & Olufsen со дигитален засилувач, 10 звучници и 575 вати моќност

https://youtu.be/PwEZ6_kWHtQ

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota RAV4 најпродаван хибрид

Toyota RAV4 најпродаван хибрид во Европа во мај

BMW Vision M Next

Студија на BMW ги брои откучувањата на срцето на возачот