за

Нова спортска нота за Lexus CT 200h

Освежување на изгледот со додадена спортска нота, поблагородно чувство во внатрешноста и напреден безбедносен пакет како стандард следуваат во шестата година на Lexus CT 200h. Бројките од досегашната продажба на компактниот хибрид ќе изненадат многумина.

При неговото деби на салонот во Женева во 2010 година, Lexus CT 200h беше прв премиум модел од компакт класата достапен со хибриден погон. Моделот мина незабележано? Далеку од тоа. Од стартот во 2011 година, продадени се 300.000 примероци низ светот, од кои дури 75.000 во Европа.

Сега следува второто освежување на компактниот хибрид. Шика Како, главниот инженер на CT 200h го гледа најмалечкиот модел на Lexus како „совршен премиум модел за помладите клиенти, коишто сакаат да возат темпераментно, но чувствуваат одговорност кон животната средина.“

Редизајнирана предна маска за поагресивен изглед на Lexus CT 200h

Новиот дизајн на решетката во предната маска му даде поагресивен изглед на предниот дел. Рамката на магленките е лакирана во сива боја и вградени се во триаглесто куќиште, а дневните светла со форма на врв на стрела се поставени над главните светла. Дизајнерите практично го заменија местото на диодните светилки во главните светла со дневните светла.

Lexus CT 200h Facelift

Назад има нови диодни светла во L-форма, за поспортска нота. Сменет е и дизајнот на задниот капак, со нагласок на амблемот на Lexus којшто е сместен меѓу стаклото и светлата. Како заокружување на спортската нота, долниот дел од браникот е редизајниран и изведен е во сребрена и црна боја. Вообичаено, понудени се и нови дизајни на бандажите, исто како и опција за 17-инчни бандажи за варијантата F Sport.

Во ентериерот се користени нови материјали и бои, неколку детали се преработени за поубедлив впечаток за квалитет. Вкупно девет материјали стојат на избор. Со доплата, за навигацијата се добива дисплеј од 10,3 инчи.

Ексклузивни детали за изведбата F Sport

Повпечатливи промени во дизајнот има кај варијантата F Sport, вклучувајќи црн металик лак за каросеријата, како и различен дизајн на маската. Дизајнот на решетката во маската служи и како подлога за магленките. Во спортската изведба стандардно следуваат и проекциски светла за долго и соборено светло. Ексклузивност во F Sport се и нагури-деталите, како симбол за врвната рачна изработка на мајсторите на Lexus.

Lexus CT 200h Facelift

Новото моделско годиште на CT 200h стандардно поседува Lexus Safety System+. Камера и радар го надгледуваат патот пред возилото, препознаваат кога има пешак на патот, подзапираат кога при вклучен темпомат ќе се наиде на побавно возило, ја следат лентата и по потреба го коригираат правецот, автоматски го соборуваат долгото светло, читаат сообраќајни знаци.

Уште еден доказ за ефикасноста на хибридот: Од група корисници на Lexus CT 200h на Facebook

https://www.facebook.com/photo.php?fbid=1462759543767656&set=gm.1379609592130985&type=3

Во погонот немаше што да се менува. Хибридниот компакт комбинира 1,8-литарски бензинец со 99 КС и електромотор со номинална моќност од 82 КС, коишто произведуваат системски 136 КС. Ефектот од здружувањето се 3,6 литри на сто километри. Најголемиот конкурент моментно доаѓа од сопствените редови. Toyota Auris Hybrid го поседува истиот погон, но без премиум нотата на Lexus. Повеќе од половина од продажбата на Auris европскиот пазар отпаѓа на верзијата со хибриден погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ламанш летечки автомобил, FB Philippe Lecocq

Ламанш за првпат „извозен“ со летечки автомобил

Opel Insignia Premiera Makedonija

Македонска премиера на Opel Insignia каква што доликува за знаменосец