за

Нова генерација на BMW X1 доаѓа во 2015 година

За в година Баварците го подготвуваат новиот X1, кој ќе биде помал од актуелниот модел. Кросоверот и конкурент на Mercedes GLA ја користи платформата на ванот Active Tourer.

Со користење на платормата од неодамна претставениот ван Active Tourer од серијата 2, идниот X1 ќе биде со значително покомпактни димензии, што меѓу другото произлегува и од попречното вградување на моторите под хаубата, како и од преоѓањето на преден погон. Ривалот на Mercedes GLA ќе има нос во стилот на актуелната серија 3, со светла што преоѓаат во широките „бубрези“, како што познавачите ја нарекуваат маската на BMW.

Постоечкиот модел ја користи платформата од претходната генерација на комби моделот од серијата 3, додека за новакот е предвидена платформата UKL, што ќе ја користат и комболимузините и лимузините од следната генерација на серијата 1. Истата платформа веќе ја користи и втората марка во групацијата, Mini, чиј што нов модел ќе доживее премиера во следната недела во Женева.

Модуларната платформа што е развиена со акцент на предниот погон дозволува лесно изведување на верзии со погон на сите тркала, со хибриден погон, па дури и погон на струја, како што меѓу другото се предвидува и во растечката моделска гама на Mini.

Баварците влеваат големи надежи во новиот X1, но мораат да остават повеќе простор меѓу него и поголемиот X3. Идната генерација на кросоверот ќе биде помала и полесна од актуелната, но големината на кабината нема да се промени. Префрлувањето на преден погон овозможи каросеријата на наследникот да биде покуса за околу десетина сантиметри од актуелниот модел. Секако дека и потрошувачката и пеформансите ќе профитираат од новата концепција на платформата.

Моторите ќе бидат исти како во Active Tourer од серијата 2, со дволитарски бензинци и дизели со турбонатполнење, како врв во гамата. Штедливоста ќе биде уште поубедлив аргумент во основните верзии на моделот со 1,5-литарските мотори со три цилиндри и турбонатполнење што доживеаја премиера во новиот Mini. Стратезите во Минхен очекуваат дека верзијата со преден погон ќе постигнува многу поголемо учество во продажбата, отколку верзијата со погон на сите тркала и халдекс спојка монтирана на задната оска.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Apple ќе соработува со Volvo и Ferrari

Brabus 800 iBusiness: Подвижна канцеларија со 800 КС