за

Новата Skoda Fabia влегува во производство кон крајот на август

Само две недели траеше летниот одмор во чешката марка. За тоа време, околу 40 фирми за индустриски инженеринг ја подготвуваа матичната фабрика за најважниот новитет во оваа година, Fabia.

По двонеделно мирување на производствените ленти во трите фабрики на Skoda, работата повторно продолжува под полна пареа. Додека лентите мируваа, активни беа околу 40 фирми за индустриски инженеринг, коишто ја подготвуваа фабриката во Млада Болеслава за почетокот на производството на новата генерација на Skoda Fabia, коешто треба да се случи веќе за десетина дена. Со новиот модел ќе стартува и најголемата моделска кампања во историјата на компанијата. „Новата Fabia е верно олицетворение на слоганот: мал автомобил, голем со технологијата“, изјави првиот човек на производството на автомобили Марек Јанчак. Најважните подрачја на производствената линија М1 се проширени и модернизирани, исто како и лакирницата.

Главниот предизвик за инженерите беше интегрирање на новите мотори на Fabia во производствениот процес. Новата Fabia добива комплетно нова гама на мотори, со потрошувачка на гориво намалена до 17 проценти. Понудата од погонски единици ја сочинуваат четири бензински и три дизелски мотори, од кои повеќето веќе работат во фејслифтот на Volkswagen Polo. Сите мотори користат систем старт стоп и повраток на енергијата при сопирање и ја задоволуваат идната норма EU6.

Модернизација доживеа и втората производствена линија, M13, којашто им припаѓа на моделите Octavia и Rapid. Најголемите промени во погонот се случија во делот за вградување на новите системи за асистенција во моделите. Во меѓувреме се работеше и на усовршување и надградување на другите две фабрики на Skoda, во Квасини и Врхлаби. Во првата веќе привршуваат работите на новиот погон за изработка на каросерии, додека во Врхлаби се интервенираше на одржување на производствената линија за менувачите од генерацијата DQ 200.

За време на двонеделната пауза во производството, Skoda реализираше вкупно 100 одделни проекти во трите фабрики, во Млада Болескава, Квасини и Врхлаби, за што беа ангажирани околу 90 компании. Привршува и работата на новиот испитен центар за мотори во Чезана, во близина на Млада Болеслава, којшто ќе стане целосно оперативен во почетокот на септември. Концернот Volkswagen инвестира преку 34 милиони евра во проширување на актуелниот центар за технологија и развој, што е најголема инвестиција во развој од страна на приватна компанија во Чешка.

Видео од производствениот процес на Skoda Octavia во Млада Болеслава

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ова е новата Skoda Fabia: Интервју со дизајнерот Кабан

Opel Adam ги достигна првите 100.000 примероци