за

Новата Porsche Panamera во завршно тестирање пред серискиот старт

Porsche ја стартува новата ера на моделите од престижните класи во концернот Volkswagen. Купе-лимузината Panamera пристига со платформа MSB, којашто во иднина ќе се користи и за моделите на Bentley и Audi.

Втората генерација на Panamera премиерно ја воведува новата платформа MSB, којашто во иднина ќе ја користат и други модели од највисоките класи во концернот Volkswagen со мотор напред и погон назад, односно со погон на сите тркала. Во споредба со претходникот, новата „модуларна стандардна платформа“ е полесна, покрута и поседува напредна електронска архитектура, којашто повторно ги поместува стандардите во сегментот.

Сите системи за контрола на возната динамика и за асистенција на возачот во оваа електронска архитектура се меѓусебно поврзани, за постојано да разменуваат податоци и да се надополнуваат со останатите системи во мрежата, почнувајќи од активниот темпомат за возење во колона, преку функциите за полуавтономно возење и поврзувањето со паметниот телефон, до електричното сервоуправување и трикоморната пневматска амортизација.

porsche panamera II 12

Ракувањето е комплетно видоизменето. За разлика од првата Panamera со конвенционален кокпит со бројни копчиња и прекинувачи, новиот модел прави голем чекор напред. Главната контрола ја превзема централниот дисплеј на допир, со пречник од 12,3 инчи и сензор за приближување, поставен во средишната конзола. До повеќето функции ќе се пристапува единствено преку овој дисплеј. Дополнително стои на располагање и унапредена говорна команда. Porsche тука не следи кичот на останатите производители и се откажува од ефектите на тридимензионален приказ во дисплејот.

Интелигентната навигација однапред ги препознава намерите на возачот

Внесувањето на целите на навигацијата исто така се одвива на комплетно нов начин. Интелигентниот систем се раководи според повеќе параметри од претходните возења и буквално ја предвидува намерата на возачот. Средишното место во таблата со инструменти секако дека му припаѓа на големиот бројач на вртежи, со по еден дисплеј со пречник од седум инчи од секоја страна. Иако концептот на ракување е сменет, естетиката на кокпитот останува иста како кај претходникот. Останува и доминантната штоперица, којашто е дел од пакетот Sport Chrono.

porsche panamera II 18

Ракувањето според принцип на допир важи и за патниците на задната клупа, доклку купувачот нарача одделни ставки од опремата. Во поглед на комоцијата, патниците на задната клупа добиваат уште повеќе простор во споредба со претходникот, со што Panamera повторно ќе биде на врвната позиција и од тој аспект. Моделите со слично скроена каросерија на купе-лимузина, како Audi A7 Sportback, Gran Coupé од серијата 6 на BMW или Mercedes-Benz CLS, заостануваат во просторната понуда. Повеќе место има и во багажникот, сега со 500 литри, место 445 литри кај претходникот.

Инженерите на Porsche се погрижија возачот да добие чувство како да седи зад воланот на значително помал автомобил. Комплетно новото подвозје е ориентирано спортски, при што во комбинација со опционалната трикоморна пневматска амортизација се постигнува мошне широк дијапазон на избор на работата на подвозјето. При избор на спортски модус, страничното навалување на каросеријата се сведува практично на нула и Panamera вози како суперспортски автомобил. По желба и расположение, возачот може да избере и комфорен модус како во луксузен крстосувач.

Хибридниот модел ќе располага со погон преземен во дел од 918 Spyder

За погонот е задолжена комплетно новата палета од мотори од концернот. Panamera ќе стартува со трилитарски V6 со битурбо натполнење и 440 КС, со четилитарски V8 битурбо со 550 КС и исто така четирилитарски V8 дизел со 420 КС. Понудата подоцна ќе се надополни со трилитарски мотори V6, едниот бензинец со единечно турбо, вториот дизел. Плагин-хибрид секако дека нема да недостига и тука ќе послужи голем дел од погонската технологија на суперспортскиот 918 Spyder. Врвот во моделската гама ќе му припадне на Turbo S, чијшто мотор V8 ќе достигнува моќност од најмалку 600 КС.

porsche panamera II 5

Прототипите се во завршно тестирање и носат дебела камуфлажа, но силуетата на новиот модел се наѕира. Porsche го коригираше подрачјата во изгледот на Panamera што беа предмет на критика кај претходникот. Димензиите на каросеријата во основа се непроменети, единствено меѓуоскиното растојание е зголемено за 30 милиметри. Покривот се спушта помеко и во делот над главата на патниците на задната клупа е понизок за 20 милиметри во споредба со претходникот, без притоа да се одземе од просторот за глава. Линијата на прозорците потсеќа повеќе на Porsche 911, а хоризонтално поставените диодни ленти во предните светла и ниските задни светла внесуваат повеќе динамика и стил. Дизајнот во целост е унапреден значително од првата Panamera.

Во план е моделска изведба со две врати во стилот на Porsche 928

Новата генерација на купе-лимузината повторно ќе се нуди и во изведба со продолжено меѓуоскино растојание, но и како комби-купе во стил на концептот Sport Tourismo од 2012 година. Се размислува и за верзија на класично купе со две врати, по пример на легендарниот Porsche 928.

Официјалните фабрички фотографии ќе се објават на крајот на јуни, а стартот на продажбата би требало да се случи веќе во почетокот на следната година.

[FAG id=24611]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda во замена за Volkswagen на северноамериканскиот пазар?

Автомобилите испраќаат купишта информации до производителите