за

Новата Kia Optima ги напаѓа премиум моделите во средната класа

Марката Kia не планира да вози зад конкуренцијата, туку сака да го презеде водството. Со нов Passat и Mondeo, но и Audi A4 на пазарот, големата Optima се впушта во борба кога е најгусто го класата.

На салонот во Франкфурт во средината на идниот месец ќе доживее премиера европската верзија на новата генерација на Kia Optima. Лимузината од средната класа го задржува спортскиот изглед, кој секако беше меѓу главните причини за тристотините илјади продадени примероци од моделот само во минатата година. Со тоа, Optima се вбројува меѓу најуспешните модели на Kia, но е значајна и поради фактот што привлекува нов и почувствителен круг купувачи во марката.

Пораст на димензиите на каросеријата во сите правци

За дизајнот повторно е заслужен Петер Шрејер, претседател и главен дизајнер на Kia Motors и на групацијата Hyundai. Новиот модел од средната класа порасна по 10 милиметри во сите правци, така што Optima сега е долга 4,85 и висока 1,46 метар, со меѓуоскино растојание од 2.805 милиметри. Најголем пораст има во ширината, тука Optima мери 1,86 метар или 30 милиметри повеќе од порано. Останаа карактеристичните обележја на стилот на лимузината: Остри линии, прецизни контури, маска „тигарски нос“, препознатлива странична силуета.

Дизајнерскиот тим на ѕвездата Петер Шрејер уште повеќе го нагласува спортскиот печат на новата Optima
Дизајнерскиот тим на ѕвездата Петер Шрејер уште повеќе го нагласува спортскиот печат на новата Optima

Свеж детал се задните диодни светла што навлегуваат во страниците на каросеријата и претставуваат нов печат на стилотна Optima. Дизајнерите повеќе се посветиле во изгледот на опашот. Линијата на капакот на багажникот се издигнува и завршува во еден вид заден спојлер, додека претставата оздола ја заокружуваат интегрираниот дифузор и овалната издувна цевка. Коефициентот на отпор е смален од 0,30 на 0,29. Зависно од пазарот, Optima ќе се нуди во девет каросериски бои, со бандажи со големина меѓу 16 и 18 инчи. Kia официјално потврдува дека покрај лимузината наскоро ќе се нуди и спортско комби во стил на студијата Sportspace од салонот во Женева.

Најголемиот напредок е во кабината, со детали преземени од неевропските, но спектакуларни модели, како Kia K9. Оттаму доаѓа новата, луксузна нота во кокпитот на Optima, со првокласна изработка и комфорни елементи и технологии кои обично се резервирани за највисоките класи. Цел на дизајнерите беше да постигнат впечаток на среденост во кокпитот, со чисти и педантно изработени површини. Кокпитот е поделен на два дела: Горниот е дисплеј-зона, долниот е зона за ракување. Средишната конзола е завртена 8,5 степени кон возачот, со дисплеј од 8 инчи и со ракување со допир за повеќето функции.

Повеќе простор, покомфорни седишпта, попрактичен багажник

Со поголемата каросерија и со новите седишта се подобри просторноста во кабината на лимузината. Патниците назад имаат 25 милиметри повеќе простор од претходникот, а имаат и 5 милиметри повеќе слободен простор над глава. Седиштата подобро ги придушуваат вибрациите од порано, поиздржливи се и полесни за 2,6 килограми, а покрај тоа нудат и подобра странична поддршка и воопшто подобар комфор при седење. На задната клупа сега стојат на располагање грејачи за студените денови, а со доплата може фабрички да се вградат и намотки за заштита од сонце во задните прозорци. Багажникот порасна за 5 литри, на 510 литри, со поголем и поправилен отвор заради полесно товарање и со посебна преграда во подот.

Половина од челикот за каросеријата е со ултрависока цврстина

Каросеријата во 50 проценти е изработена од челик со висока цврстина, наспроти претходникот, каде што уделот на овој модерен челик изнесуваше 20 проценти. За четири и пол пати е зголемено и користењето на структурни лепила, коишто гарантираат екстремно издржливи споеви на каросеријата и претставуваат врвна технологија во изработката на каросериите. На крај, отпорноста на свивање е зголемена за 50 проценти, додека тежината на каросеријата е смалена за 8,6 килограми.

Сите подрачја што трпеа помали или поголеми критики кај претходникот сега се преработени, вклучувајќи ги и седиштата
Сите подрачја што трпеа помали или поголеми критики кај претходникот сега се преработени, вклучувајќи ги и седиштата. Дополнително е подобрена и просторната понуда, особено на задната клупа

Активната безбедност исто така е на високо ниво, со контрола на стабилноста со можност за интервенција во управувањето, но и со бројни системи за асистенција: Приспособлив темпомат, радарски контролирано самостојно запирање при опасност од судир до брзина од 50 km/h, систем за следење лента со зафат во управувањето, автоматика за долго светло, камера за читање сообраќајни знаци, систем за следење на мртвите агли, предупредување од попречен сообраќај при возење наназад – импресионира комплетноста на оваа понуда, во овој поглед Kia не заостанува ниту чекор зад премиум марките.

За повисокото ниво на комфор се грижат комплетно обложување на подот, оптимирана изолација на ветробранот, подобрена изолација на арматурната табла, заедно со потивки мотори и намалено пренесување на звуците од подвозјето. На крај, бучноста во кабината е смалена за 4 проценти.

Геометријата на поодвозјето е преработена за уште подиректно чувство во возењето

Подвозјето добиваше многу пофалби кај претходникот. Инженерите на Kia сепак не сакаат да живеат од слава. Во преработеното подвозје, точките на прицврстување на предната и задната помошна рамка се поместени нанадвор, заради посмирено возење на нерамна подлога. Водењето на тркалата сега користи четири место две лежишта – за зголемување на попречната стабилност – а како новитет се користат поцврсти лежишта на тркалата. Со тоа се добива подиректна повратна информација од подлогата и подобра тракција во свијоци. Покрај тоа е скусено и времето додека водењето на тркалата се врати во нормална положба по ударот од подлогата. Промени во истата смисла се извршени и во задната оска со повеќе водилки.

Еден од ретките модели во средната класа што нуди можност за индиктивно полнење на мобилните телефони
Еден од ретките модели во средната класа што нуди можност за индиктивно полнење на мобилните телефони

Дизел верзијата на Kia Optima стандардно ќе се испорачува со новото сервоуправување R-MDPS. Разликата е во тоа што електричното серво сега е вградено директно во управувачката летва, место на столбот на управувачот – за подобро чувство при управувањето и подиректна и побрза реакција, особено во средното подрачје на работниот дијапазон. Друг новитет е приспособливото подвозје ECS, со спортски и нормален модус на работата на амортизацијата, достапно за дизел верзијата на Optima.

Големата лимузина на Kia за Европа е еден од првите модели во средната класа што се нуди со индуктивно полнење за мобилни телефони, без потреба од кабел. Панорамската слика при паркирање исто така е достапна за Optima, како и самостојно паркирање или приспособливи светла.

Сега само два мотора, но наскоро и спортска верзија, заедно со плагин хибрид

Единственото ограничување што го има Kia наспроти конкуренцијата е понудата од само две погонски единици: 1,7-литарски дизел и 2,0-литарски бензинец. Дизелот претрпе мали преработки и сега има 141 КС место 136 КС, со вртежен момент од 340 место 325 њутнметри. Техничарите на Kia ветуваат дека преработениот мотор реагира побрзо, работи посмирено и за 14 проценти е поштедлив од претходникот. За тоа се грижи новиот, електронски управуван активатор за променливата геометрија на лопатките на турбината. Бројките го поткрепуваат тврдењето: Максималниот вртежен момент сега се нуди меѓу 1.750 и 2.500 вртежи, наспроти 2.000 и 2.500 вртежи порано. За површинскиот слој на клиповите се користи нова технологија, за намалено триење, додека погонскиот синцир е потивок и исто така со намалено триење.

Дволитарскиот бензинец работи со варијабилна контрола на вентилите и приспособливи одови на вентилите, со моќност од 163 КС и сега со норма Euro 6 – исто како дизелот. Kia веќе најавува нови погонски единици во понудата. В година доаѓаат плагин хибрид, исто како и нагласено спортска верзија, со солидна моќност, за полирање на имиџот на спортската лимузина.

Сопствено развиен менувач со двојна спојка како опција за верзијата со дизел мотор

Буквално ниту една празнина не останува наспроти конкуренцијата. Техничарите на Kia развија нов седумстепен менувач со двојна спојка, кој веќе се вградува и во фејслифтот на Cee’d. Менувачот е оптимиран за дизелот, работи ефикасно и со кусата реакција се надоврзува на спортските возни својства на Optima, особено при мануелна контрола врз менувачот. Наспроти изведбата со класичен автоматик со претворач на вртежен момент, новиот менувач со двојна спојка троши 26 проценти помалку гориво.

Продажбата на новата Optima на европскиот пазар стартува кон крајот на годинава. Производството на моделите за Европа се одвива во фабриката на Kia во Хвасунг, во Јужна Кореја.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Возачите на Tesla стануваат тест возачи за новите технологии

Студија во Америка: Потрошувачката на гориво не се намалува