за

Новата Honda Legend „бега“ од пешаци на патот

Јапонците развија напреден безбедносен систем кој самостојно го сопира возилото при опасност од удар во пешак, но по потреба го врти и воланот. Новиот Legend ќе биде прв модел со овој систем.

Honda го најави иновативниот систем за асистенција со име Honda Sensing, којшто ќе доживее премиера во новата генерација на знаменосецот Legend, чијашто премиера на јапонскиот пазар се очекува кон крајот на годинава. Подоцна, системот ќе почне да се вградува и во останатите модели во гамата на јапонскиот производител. Honda Sensing се состои од два типа на сензори: Радар во предната маска и камера во ветробранот. Нивната функција се сведува на детектирање на пешаци на патот и автоматско активирање на сопирачките кога електрониката на системот ќе препознае опасност од удар.

Радарите досега имаа потешкотии при детектирањето на пешаците, поради нивната слаба рефлексија на бранови, како и позицијата и брзината на движење. Унапредениот систем на Honda го надминува овој проблем и прецизно ги детектира пешаците на растојание до 60 метри. Со поголемата прецизност на Honda Sensing се овозможија шест нови функции на системите за асистенција, меѓу кои и „Pedestrian Collision Mitigation Steering System“, како премиера во браншата. Новиот Legend ќе биде прв модел што при опасност од удар во пешак ќе сопира автоматски, но во одредени услови ќе може и да го смени правецот на движење, со интервенција во управувањето.

Сите безбедносни функции на Honda Sensing:

Collision Mitigation Braking System (CMBS) – Систем за избегнување судир
honda accord sensing 984598817356
Радар и камера ги детектираат возилата напред, возилата што наидуваат отспротива и пешаците. При опасност од удар во возило или пешак, системот го предупредува возачот со звучни и визуелни сигнали. Со приближувањето до пречката, системот автоматски почнува да потсопира, како следен степен на предупреедување на возачот. Во случај на опасност од судир со возило што наидува отспротива, системот дополнително предизвикува вибрации во воланот, како импулс за возачот да го коригира правецот. Доколку возачот и натаму не реагира, системот запира автоматски со полна сила, за да го избегне судирот или да ги смали последиците.

Road Departure Mitigation (RDM) – Систем за избегнување на излетување од патот
honda accord sensing 984592817356
Камера ги следи рабовите на патот и во случај возилото да ги прегази лентите, системот вклучува визуелно предупредување и дополнително создава вибрации во воланот. По потреба, реагира и самото управување и самостојно го враќа возилото во лента. При опасност од излетување од патот, системот ги активира и сопирачките заради спречување на незгодата.

Pedestrian Collision Mitigation Steering System – Менување правец при опасност од удар во пешак
honda accord sensing 984593817356
Радар и камера ги детектираат пешаците и рабовите на патот. Во случај системот да препознае опасност од удар во пешак што се наоѓа на работ на патот, прво се активираат звучни и визуелни предупредувања, по што следува и самостојно вртење на тркалата во спротивниот правец, како помош за возачот полесно да го избегне ударот. Honda Legend ќе биде прв автомобил на пазарот со овој напреден систем.

Lane Keeping Assist System (LKAS) – Систем за следење лента
Камерата ги следи линиите на патот и помага возачот да го одржува возилото во средината на лентата при брзини над 65 километри на час. При опасност од напуштање на лентата, односно прегазување на линиите на патот, воланот почнува да вибрира, како предупредување за возачот.

Adaptive Cruise Control (ACC) – Приспособлив темпомат
Радар и камера ги следат растојанието и брзинската разлика во однос на возилата напред. Системот ги контролира забрзувањето и сопирањето заради одржување на растојанието – на пример, ако возилото напред е побавно, системот автоматски ја намалува наместената брзина на темпоматот и вози со иста брзина како возилото напред. Со проширувањето на дијапазонот на работа до 0 km/h, системот му помага на возачот при застој на автопатот, самостојно забрзувајќи и сопирајќи при возењето во колоната на патот.

Traffic Sign Recognition- Читање сообраќајни знаци
honda accord sensing 984591817356
Камерата ги чита сообраќајните знаци и ги прикажува истите на дисплејот во кокпитот или на проекцискиот дисплеј.

False Start Prevention Function – Спречување на налетување во возило напред
Радарот детектира друго возило или пречки непосредно пред возилото, додека истото мирува или се движи бавно. Ако возачот забрза пресилно додека има пречка напред, системот го спречува ненадејното забрзување, истовремено активирајќи звучни и визуелни предупредувања, како и вибрации во педалот за гас.

Lead Car Departure Notification System – Сигнал при поаѓање на водечкото возило
Радарот детектира кога возилото напред ќе појде од застојот и го информира возачот со звучни и визуелни сигнали.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дрон над фабриката на Seat во Марторел

Закана од штрајк на вработените во Jaguar Land Rover