за

Новата серија 7: Знаменосецот на BMW е подготвен за премиерата во септември

На шест месеци пред премиерата во Франкфурт, BMW ги прикажа технологиите и иновациите во идната серија 7. Големата лимузина е полесна за дури 200 килограми од актуелниот модел.

Останува само уште да се чека. BMW бара трпение од потенцијалните купувачи на новата генерација на серијата 7, прикажувајќи дел од најначајните новитети во знаменосецот. Лимузината од високата класа уште е со маскирана каросерија и дизајнот може само да се насети, но поважно е тоа што се наоѓа „под обвивката“. Баварците најавуваат револуција во лесната конструкција на каросеријата, во возните својства, во комфорот, конекцијата и ракувањето. Тоа е воедно и традициска обврска на моделите од високата класа, да го понудат тоа што претходно не било понудено.

Намалената тежина за 200 килограми го постигнува следното ниво на комфор и возни својства. Секако, и потрошувачката профитира
Намалената тежина за 200 килограми го постигнува следното ниво на комфор и возни својства. Секако, и потрошувачката профитира

Во градбата на самата патничка кабина има обемна примена на карбон, што заедно со тежнеењето да се заштеди во тежината и на најситниот дел, ја намалува тежината за 200 килограми во споредба со претходникот. По EfficientDynamics, којшто се однесува на штедливоста на погонската спрега, следува EfficientLightweight. Суштината е во Carbon Core, односно во карбонската структура на каросеријата, како технологија што произлегува директно од моделите i3 и i8. Баварците најавија дека со нивната револуционерна технологија ќе успеат карбонот да го имплементираат и во стандардната понуда на модели, што сега се случува со серијата 7. Потоа, секако, ќе следат и помалите модели. Покрај намалувањето на тежината, карбонот ја зацврстува каросеријата, што од друга страна овозможува примена на помалку метал во најоптоварените подрачја.

Нов линиски шестцилиндарец со турбонатполнење

Премиера во знаменосецот ќе доживее и новиот шестцилиндарски мотор во линија од генерацијата TwinPower Turbo во BMW 740i, со два турбополначи, директно впрскување на горивото и варијабилни одови и времиња на вентилите. Повеќе детали ќе следуваат пред премиерата, BMW наведува само дека во погонот ќе користи усовршен 8-степен Steptronic. Покрај овој трилитарски шестцилиндарец со 350 КС ќе следува и мотор V8 во BMW 750i, со зафатнина од 4,4 литри и моќност од преку 450 КС. Понудата од мотори ќе ја заокружи трилитарски дизел со шест цилиндри, во два степена на моќност, како 730d и 740d. Повеќето моделски изведби ќе бидат достапни и со погон на сите тркала. Подоцна ќе биде воведен престижниот дванаесетцилиндарец, којшто ќе се вградува и во Rolls-Royce, но ќе има новитети и на спротивниот крај – BMW ќе вградува четирицилиндарски мотори во новата „седумка“. Хибридната верзија се подразбира.

Карбонот се користи и за најоптоварените делови од каросериската структура, на пример во кошот на моторот
Карбонот се користи и за најоптоварените делови од каросериската структура, на пример во кошот на моторот

Исто како и досега, подвозјето на серијата 7 ќе нуди врвни возни својства во класата, со натамошно усовршување на компонентите од водењето на тркалата и целосно преоѓање на алуминиум, како и со неколку системи што ќе следуваат во серија или со доплата. Баварците ветуваат спој на комфор и динамични возни својства какви што досега не биле понудени во класата. Пневматската амортизација ќе се вградува стандардно, вклучувајќи автоматско дотерување на висината на подвозјето, исто како и приспособлива контрола на амортизацијата.

За првпат електромеханичка стабилизација на каросеријата

Со електронското регулирање на амортизерите ќе се постигне уште повисоко ниво на комфор и тоа како во поглед на совладување на нерамнини во подлогата, така и при повисоки оптоварувања коишто предизвикуваат поголеми вертикални забрзувања на каросеријата. Ова ниту оддалеку не ги исцрпува иновациските потенцијали во подвозјето на знаменосецот на BMW. Опционално се нуди интегрално активно управување на задната оска, а за првпат и електромеханички контролирана стабилизација на каросеријата Dynamic Drive.

Во новата функција Adaptive, подвозјето автоматски го избира најдоброто дотерување на подвозјето според условите
Во новата функција Adaptive, подвозјето автоматски го избира најдоброто дотерување на подвозјето според условите

Возачот ќе има целосна слобода при изборот на дотерувањето на подвозјето, во целиот дијапазон од спортски автомобил до комфорен крстосувач. За првпат се нуди и модус Adaptive, при што електрониката ги следи стилот на возење во моментот и конфигурацијата на патот, за автоматски да ја приспособи работата на подвозјето.

Во идната генерација на серијата 7, со мониторот за ракување со системот iDrive за првпат ќе се ракува и преку допир, преку кориснички интерфејс којшто вее со години е вообичаен кај преносните електронски уреди, односно главно мобилните телефони и таблетите. Контролерот во средишната конзола останува, нова е единствена можноста по „скратен пат“ да се дојде до бараната фунција преку дисплејот на допир. Дополнителна можност е уредот да ја чита гестикулацијата со помош на 3D-сензор, за уште полесно и поинтуитивно ракување со функциите. Со соодветно движење со дланката ќе може на пример да се менува силината на звукот или да се прифаќаат или одбиваат телефонските повици. Предвидена е можност возачот сам да избере како да реагира системот при одредена гестикулација.

Светска премиера: Лимузината сама ќе вози до гаражата

Како прв сериски автомобили во светот, серијата 7 на BMW ќе може самостојно да се паркира или да се упати во гаража. Со оваа опција за далечински управувано паркирање се овозможува искористување на мошне тесни простори за паркирање. Возачот притоа го користи иновативниот клуч со дисплеј.

Системите за асистенција BMW ConnectedDrive ќе бидат дополнети со унапреден систем за следење лента со активна заштита од страничен судир, спречување судир при возење наназад, како и предупредување за возило што наидува од попречниот правец. Следен чекор во правец на автономното возење е активниот темпомат со самостојно запирање и забрзување при застој на патот, којшто ги зема во предвид и локалните брзински ограничувања.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

300 КС во Golf R се недоволни? Тјунерот Abt нуди уште стотка

Golf Variant во три варијанти: Alltrack, R или GTD?