за

Неколку совети за безбедно возење во зимски услови

Зимата досега беше пријателски расположена кон возачите. Но, деновиве станува турбулентно во некои делови од државата. Соодветно на тоа треба да се приспособи и начинот на возење.

Почетокот на годината им донесе само малку радости на возачите. По синоќешните врнежи мора при возењето да се очекуваат снег и мраз на патот. За возењето да не се претвори во лизгање, препорачливо е начинот на возење да се приспособи според временските услови.

Најопасна е таканаречената голомразица, којашто обично се создава во свијоци на осојни места со поголема количина на влажност во воздухот, по правило во близина на шума или парк, и тешко е да се забележи. Голомразицата не е ништо друго освен замрзната вода врз асфалтот, којашто е подеднакво лизгава како и видливиот, но е поопасна затоа што не се разликува од остатокот од патот. Затоа возачот треба однапред да ги предвиди овие места каде што може да се очекува голомразица. Исто толку е опасен и замрзнатиот дожд, којшто се создава кога дождот паѓа врз замрзнат асфалт и таму веднаш се претвора во мраз.

На лизгави патишта треба да се избегнува нагло додавање гас, силно сопирање или грубо вртење на воланот. За да се уверите дали патот е лизгав или не, доволно е само кусо и нежно да се притисне сопирачката, секако доколку тоа го дозволуваат условите во сообраќајот. Од реакцијата на возилото ќе се добие вистинската информација за состојбата на патот.

Секако дека е најважно каросеријата и стаклата да се ослободат од мразот или снегот пред почетокот на возењето. Особено треба да се внимава на снегот врз покривот, затоа што доколку тој не се отстрани, при нагло сопирање во опасна ситуација лесно може да се случи целиот слој снег да се струполи врз ветробранот и да го остави возачот без каква било прегледност на патот.

При невреме е потребно зголемено внимание на мостовите и на завршетоците на шумите, затоа што на овие места е особено голема опасноста од создавање воздушни вртлози. Слично важи и при престигнување на камиони или автобуси. Кога возите зад нив, возилото се наоѓа во заветрина и силните ветришта може да не се почувствуваат, но по престигнувањето може да се случи возачот да биде изненаден од ударот од ветрот. Во тој случај не смее да се реагира нагло, туку контролирано да се управува во спротивниот правец.

Потребно е внимание и при возење со багажник на покривот, затоа што тие ја зголемуваат страничната силуета на возилото врз која што дејствуваат воздушните струи, а со тоа и опасноста од губење на правецот при дејство на силен ветар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota го презема софтверот од Ford

На берлинската полиција ѝ замрзнаа 85 возила