за ,

На ова треба да се внимава при изборот на моторното масло

Понудата на моторни масла опфаќа широк дијапазон, од евтино масло од супермаркет до врвно масло што чини петпати повеќе. Правилото е: Ако производителот го одобрува маслото, спокојно може да се избере и најевтиното.

Производителите на автомобили ги тестираат најразличните моторни масла на сопствените мотори, со цел да се гарантира исполнување на специфичните барања. Покрај вообичаените спецификации, како на пример вискозноста, на моторните масла се наведуваат и препораките од производителите на автомобили. Овие препораки обично се наоѓаат на самата амбалажа, како VW 507 00, Mercedes-Benz 229.51 или BMW Longlife-04. Постојат и трикови, кога производителите на масла само упатуваат на нормите на автомобилските марки. Затоа треба да се внимава, препораката на одредениот автопроизводител да е строго наведена.

Силните турбодизел мотори со филтер за честички чад поставуваат најголеми барања за моторното масло, а тоа е воедно и најчестата моторизација во денешните автомобили. Тука треба особено да се внимава маслото да ги исполнува нормите на производителот, не само во гарантниот период за возилото, туку и по него.

Вискозноста нема никаква врска со препораките на производителот на возилото

Вториот важен критериум при изборот е вискозноста на маслото. Таа ја одредува флуидноста на одредена течност. Медот може да се наведе како пример за висока вискозност, а водата како пример за ниска вискозност. Маслата за повеќе подрачја мораат да ги поседуваат обете својства, за неопходното подмачкување да се гарантира во широко температурно подрачје. Двоцифрената вредност на вискозноста задолжително се наведува на пакувањето. Првата вредност, пред буквата W, ја означува погодноста на маслото за зима, додека втората се однесува на жилавоста на маслото при температура од 100 степени Целзиусови. Колку оваа вредност е повисока, толку маслото е погусто при високи температури. Масло 0W-40, на пример, поседува течливост до минус 40 oC и брзо го подмачкува моторот по стартот на незагреано. Вредноста на вискозноста на маслото нема никаква врска со препораката на производителот на автомобилот. Тие сепак ги наведуваат класите на вискозност што сметаат дека се соодветни за најразличните температурни подрачја.

Модерните моторни масла се базираат на најразлични основни масла и мешавини. Дополнително се додаваат адитиви, коишто преку хемиско и физичко дејство ги подобруваат својствата на маслото. Зависно од производителот, некои масла ја нагласуваат моќноста на моторот, некои ставаат акцент на намалувањето на потрошувачката. Правилото е: Колку е повисок уделот на адитиви во моторното масло, толку е повисок и квалитетот, а со тоа и цената.

Моторното масло може да се чува најдолго пет години – но има и исклучоци

Без разлика какви технологии се користат во маслото, две работи не се менуваат. Моторите го трошат маслото и маслото не трае вечно. Моторното масло мора да се менува редовно. Затоа мора да се внимава на утврдените интервали во прирачникот за возилото или на индивидуалните препораки во дисплејот на модерните автомобили. При „залетување“ по евтини понуди, не треба да се превиди следното. Моторното масло обично може да се чува до пет години, доколку пакувањето не е отворено и маслото се чува на суво и студено место. Модерните синтетски масла сепак содржат адитиви што се разложуваат со текот на времето. Во одредени услови, овие масла по одреден временски период можат да ги изгубат првобитните својства. Ако пакувањето е отворено, трајноста на маслото изнесува најдолго една година. Заради сигурност, подобро е тоа масло воопшто да не се користи.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes стартува со производство на GLC во Кина

Што планира Suzuki до 2019 година: Европска офанзива на јапонската марка