за , ,

Најевтините лимузини од средната класа на нашиот пазар

Honda Accord е шампион во противвредноста, не само со богатата опрема, туку и со моќниот мотор со 156 КС

Голема раздвиженост владее меѓу лимузините од средната класа. Доаѓаат нови генерации на модели, старите поевтинуваат, дијапазонот е од 18.000 до 33.500 евра за основните модели.

Најевтината понуда на лимузина од средната класа, односно на „бизнисменска лимузина“, како што ги почитува народот, моментно доаѓа од моделот од чијшто наследник воедно се очекува да предизвика и најголемо раздвижување на пазарот. Ford Mondeo во актуелната генерација стартува од 18.200 евра во официјалниот ценовник на увозникот Ми-Да Гранд Моторс, со 1,6-литарски бензинец со 120 КС и ниво на опрема Ambiente. Кој смета дека може без автоматика за клима уредот, магленки, кожа на воланот и рачката на менувачот или електрика за задните прозорци, може да биде сосема задоволен од стандардната опременост на лимузината, во спротивно овие ставки му следуваат за плус 800 евра во повисокото ниво на опрема Trend. Кај дизелите, Ford Mondeo стартува со 1.6 TDCI со 115 КС и цена од 22.000 евра во нивото Trend.

Дури и со повисокото ниво на опрема и цената од 19.000 евра, Mondeo сé уште е поевтин од втората најевтина лимузина од средната класа, Toyota Avensis. Јапонецот вози со 1,6-литарски Valvematic со 132 КС и ниво на опрема Comfort за 19.490 евра. Моделите во класата како да следат ист шаблон во кроењето на нивоата на опрема и ставките што се соодветни на рангот на модел од средна класа обично следуваат дури во второто понудено ниво на опрема. Во тој поглед, и овие лимузини не отстапуваат од моделската политика на производителите, купувачите прво да се привлечат во салон со цената, па дури потоа да се преговара за „реалната“ понуда. Исто како кај Ford, лимузината на Toyota ги нуди сите потребни ставки во второто ниво Executive, за 22.490 евра. Кај дизелскиот Avensis ситуацијата е следната: 24.490 евра за 2.2 D4-D со 124 КС во нивото Comfort, односно 27.490 евра за Executive. Дополнителна предност на бензинскиот модел на Avensis секако е штедливиот 1,6-литарски Valvematic.

Чешкиот Superb е веќе на третото место на најевтини лимузини во бензинска изведба, со 1.4 TSi со 125 КС. Skoda го нуди „најсилниот“ конкурент на Passat во рамките на сопствениот концерн Volkswagen, стартувајќи од 19.510 евра во нивото Active. Повторно истата ситуација: Автоматика за климата, команди на волан за радиото, кожа на воланот, алу-бандажи и магленки следуваат во следното ниво Ambition, кое што чини 3.500 евра над основното, но затоа вклучува и биксенонски светла, паркинг сензори назад, темпомат и автоматика за бришачите. Затоа, пак, Skoda Superb е шампионот кај дизелите, со цена од 20.920 евра за Superb 1.6 TDI со 105 КС во нивото Active, односно 24.460 евра за Ambition. Влијанието на нивото на опрема се релативизира кај Skoda, од аспект на исклучително ниското ниво на цени на дополнителна опрема, како и можноста за одделно нарачување на ставки. Кому му е најважна автоматиката за климата, може да доплати само 510 евра, место 3.500 евра за целиот пакет, па останува простор и за кожа на воланот за 210 евра и уште многу други работи.

Во поглед на противвредноста, се покажува дека моментно најатрактивната понуда, со најдобар сооднос меѓу цена, обем на опрема и степен на моторизација, ја нуди Honda Accord. Понудата од 19.990 евра во ценовникот за јапонската лимузина не важи за најниското ниво, туку за третото ниво на опрема Elegance, во кое што веќе се вклучени биксенонски светла, блутут, темпомат, алу-бандажи од 16 инчи, дополнително на оптималното ниво на опременост за модел од средната класа. За 2.000 евра повеќе е достапно нивото Lifestyle, со паркинг сензори напред и назад, автоматика за долго светло, алу-бандажи од 17 инчи, грејачи во предните седишта и премиум пакет за озвучување. Дури и во повисокото ниво, Honda повторно ја задржува предноста пред многу послабо опремените и моторизирани конкуренти. Штедливиот дволитарец на Honda со куќната технологија i-VTEC вози со 156 КС, што е дури 36 КС повеќе отколку најслабо моторизираниот модел на списокот на најевтини лимузини од средната класа.

Дури петтиот модел на списокот ја пречекорува границата од 20.000 евра. Renault Laguna 2.0 16V со 140КС и ниво Expression чини 20.490 евра. Кај Французите е слично како кај Honda, односно понудата важи за модел што поседува оптимално ниво на опрема, дополително вклучувајќи картичка за пристап без клуч, блутут, темпомат и алу-бандажи од 16 инчи. Интересна ставка за доплата е пристапот на интернет R-Link за 1.200 евра, заедно со навигација. Французите традиционално внимаваат на дизелската понуда и не изненадува тоа што нивниот модел е веќе втор на списокот на најевтини дизели во класата, со цена од 21.790 евра за Laguna 1.5 dCi со 110 КС и ниво Expression. Дури и во случај да се избере посилниот мотор 2.0 dCi со 130 КС во истото ниво на опрема, Laguna останува поевтина од повеќето конкуренти со послаб мотор и пониска опременост.

Некогаш евтините Корејци се појавуваат дури во средината од пазарната понуда. Kia Optima со дволитарски бензинец со 165 КС и основно ниво LX чини 21.390 евра. „Основното“ кај Kia е далеку од тоа што може да се претпостави. LX кај марката во голем пробив и голем респект на европскиот пазар го нуди токму оптимумот – ништо не недостига, ништо повеќе не треба. Дополнителен аргумент е моќниот мотор со 165 КС и релаксирачки два литри зафатнина. Реалната понуда на Kia се препознава кај дизелот 1.7 CRDi LX со повеќе приземни, но и натаму конкурентни 136 КС и со цена од 21.850 евра. Тоа е третиот најевтин дизел во средната класа, и заедно со Laguna е најблиску до титулата за највредно вложени пари во дизелски модел во класата.

Вториот Германец на списокот е Opel, на шестото место, со Insignia 1.4 Turbo со 140 КС. Големата лимузина со молња во маската стартува од 21.494 евра, не земајќи ги во предвид постојаните продажни акции на марката. Од оптималната опрема, во нивото Edition за 1.215 евра над основното следуваат автоматика за климата, кожа на волан и потпирач за рака назад со преграда, покрај „вишокот“ од хромирани детали на каросеријата, електрика за задните прозорци, осветлени огледала во штитниците за сонце или темпоматот. Помошта кај Opel е во интелигентно скроените пакети за одделните нивоа, поевтини отколку при одделно нарачување на ставки и обично поевтини од преоѓањето на повисокото ниво на опрема. Алу-бандажи од 18 инчи, диодни дневни светла, хром, аларм, премиум климатизација и магленки следуваат за 1.390 евра, додека биксенонски светла и паркинг сензори се достапни за 1.108 евра. Затоа, исто како кај Skoda, прашањето на крајната цена и противвредноста на Insignia зависи индивидуално, од тоа колку купувачот сака да доплати и колку му се неопходни дополнителните ставки. Кај дизелите се поставува Opel Insignia 2.0 CDTI со 110 КС и 23.641 евра, односно 24.856 евра за Edition.

„Свежата“ Mazda6 2.0i Emotion со 145 КС и цена од 23.980 евра го пополнува спојот меѓу стандардната и премиум понудата во класата, соодветно на новата стратегија на Јапонците, да понудат премиум возило по цена на „народен“ автомобил. Но, ниту Mazda6 не е исклучок од правилото за прескокнување на основното ниво. Оптимумот од опрема се случува во второто ниво Challenge за 25.980 евра и тоа е реалната понуда на Mazda. Во Challenge следуваат автоматика за климата, кожа на воланот, блутут, потпирач за рака напред, магленки и автоматика за светлата и бришачите. Тоа што ретко кој друг го нуди како стандард, но и со доплата, е системот за самостојно запирање на возилото при опасност од судир при брзини до 30 km/h – што е дополнителна безбедносна карактеристика на динамично скроената и возлива лимузина од Mazda. Дизелот Mazda6 2.2 CD 150 Emotion се нуди за 25.980 евра, односно 27.980 во Challenge. Особеност на дизелот е i-Eloop технологијата на микрохибрид, којашто следува како стандард, и сосема „нормално“, ја намалува потрошувачката на гориво и краткотрајно нуди дополнителна моќност при престигнување или поаѓање.

На крајот следуваат уште Citroen и Hyundai, кои во официјалните ценовници ги водат само дизелските модели. Французите го имаат C5 HDI140 со ниво Seduction за 27.490 евра, при што името на стандардното ниво вистински соодветствува на понудата: Алу-бандажи од 17 инчи, интелигентен систем за тракција Snowmotion, двозонска автоматска клима, темпомат, комфорни седишта и автоматика за светлата и бришачите. Hyundai i40 1.7 CRDi со цената од 24.800 евра е меѓу Toyota Avensis и Mazda6, и особеност во опремата му се алу-бандажите од 18 инчи, алуминиумските педали и паркинг сензорите напред и назад. Тие што недостигаат се Volkswagen Passat и серијата 3 на BMW. Првиот недостига зашто претстои комерцијализација на новата моделска генерација, што не значи дека не може да се набави и актуелниот модел, додека вториот недостига зашто и марката BMW недостига од македонскиот пазар и уште е во потрага по нов увозник.

Што е со премиум лимузините од средната класа? Колку се поскапи Audi и Mercedes? Кај првиот, задоволството да се вози благородна лимузина чини 29.569 евра за Audi A4 1.8 TFSI со 120 КС, односно 31.738 евра за Audi A4 2.0 TDI со 120 КС. Ниту „оптималното“ ниво на опрема на менува многу, исто како и настапот со по само 120 КС. Mercedes, пак, новата лимузина од класата С ја стартува од 33.558 евра за C180 со 1,6-литарски турбо со 156 КС, додека дизелот C220 Bluetec со 170 КС чини 38.675 евра – основниот C200 Bluetec уште отсуствува. И Швеѓаните се раководат според истата премиум шема: Volvo S60 T3 со 1,6-литарски бензинец со 150 КС почнува од 32.140, односно од 30.800 евра за дизелот D2 со 1,6-литарец со 115 КС.

Имајќи ја во предвид големата „дупка“ меѓу стандардните и премиум марките, воопшто не изненадува што и Mercedes и Audi напаѓаат во една класа подолу, со лимузини на база на нивните компактни модели. A3 Limousine чини 22.784 евра за 1.4 TFSI Attraction со 125 КС, а стилската купе-лимузина на Mercedes излегува од салон за 29.280 евра со 1,6-литарски бензинец со 156 КС во изведбата CLA 180 … и уште не се поевтини од стандардните лимузини од цела една класа погоре.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo 6C во напад на Jaguar F-Type

Audi го награди Баерн Минхен со нов возен парк