за

Најважните новитети во 2016: За вишок грст долари

Автомобилските марки подготвија изобилство од новитети и за 2016 година. Следат големи теренци, спортски болиди, а нема да недостигаат и кабриолети вредни колку куќа. Ова се  најважните новитети во годината што пристига.

Кој има намера во новата година да се поднови со свеж автомобил, подобро е за следните 52 викенди да ги одложи сите други планови. Производителите уште ги немаат откриено сите новитети што ги планираат за 2016 година, а календарот со премиери е веќе толку преполн што не ќе може да се стаса од еден до друг салон за автомобили, за пристојно да се разгледаат сите новитети. Во продолжение следат најважните новитети за следната година.

Aston Martin DB10
Aston Martin DB10

Aston Martin: Британската марка со скапите и брзи автомобили веќе назначи како ќе изгледа нивниот нов спортски модел, преку појавувањето на DB10 во последниот филм за најславниот таен агент во светот, Џејмс Бонд. На салонот во Женева, во почетокот на март, ќе биде прикажана сериската верзија на моделот и таа ќе ја носи ознаката DB11.

Audi: Новата генерација на Audi A4 повторно ќе послужи како основа за купето и кабриолетот A5. Потоа следат и R8 во отворената верзија Spyder, теренското комби Allroad на основа на A4 Avant, спортска изведба на големиот теренец Q7 со ознака SQ7. Најважниот новитет пристига како Audi Q2, кој ќе биде помладешка, поедноставна и поевтина изведба на Q3. Кон крајот на годината се очекува технолошка експлозија во новата генерација на знаменосецот A8.

BMW M2
BMW M2

BMW: Годината започнува бурно за марката од Минхен, со почетокот на продажбата на M2, со 370 турбо-КС, како идеолошки наследник на легендарниот BMW 2002 turbo од 1970-те, но и наследник на 1М Coupe. Ќе има новитети и во погонските изведби. Од X4 ќе биде понудена верзија на M-Performance, додека Active Tourer и сериите 3 и 7 ќе добијат изведба со плагин-хибриден погон. Нов дванаесетцилиндарец пристига во серијата 7. Единствен комплетно нов модел, според досегашните најави, ќе биде серијата 5, чиешто деби ќе се случи на салонот во Париз наесен.

Bugatti: Хиперексклузивната марка на салонот во Женева во март ќе го прикаже новиот Chiron, како наследник на Veyron. Според шефот Волфганг Дирхајмер, инженерите на марката добија „едноставен“ налог – да направат најсилниот, најбрзиот, најлуксузниот и најексклузивен суперспортски автомобил од сериско производство да биде уште подобар.

Cadillac CT6
Cadillac CT6

Cadillac: Американците имаат закажано две премиери: Во високата класа следи лимузината CT6, како конкурент на класата S на Mercedes и на серијата 7 на BMW, додека на теренците BMW X5 и Mercedes GLE ќе им се спротивставува новиот XT5.

Chevrolet: Марката чиешто лого во Европа за последен пат го гледавме на Spark, веќе одамна се одјави од стариот континент, но нејзините спортски автомобили се присутни повеќе од кога било досега. Во 2016 година, Corvette повторно ќе добие придружба од купе и кабриолет изведбите на новиот Camaro, задолжително со мотор V8 со 461 КС.

Citroen: Од Французите налето пристига Spacetourer, како конкурент на Volkswagen T6. Има и најави за фејслифт на C3 и Picasso.

Fiat: Единствениот „сопствен“ новитет на Италијанците во 2016 година ќе биде компактот со реинкарнираното име Tipo. Налето доаѓа Fiat 124 Spider, кој го носи името на славниот родстер од 1960-те, но само името. Техниката потекнува од Mazda MX-5. Копија ќе биде и идниот пикап Fullback, кој во основата е Mitsubishi L200.

Ford GT
Ford GT

Ford: Спортска година му претстои на производителот со „модрата слива“. Напролет почнува продажбата на Focus RS со 350 КС и погон на сите тркала што целосно е посветен на динамика во возењето, за кон крајот на годината да пристигне и новото издание на легендарниот „убиец на Ferrari“, Ford GT. Во меѓувреме ќе има фејслифт на теренецот Kuga и европска премиера на големиот Edge.

Honda: Јапонците во текот на летото ќе се вратат на лентата за престигнување со хибридниот-суперспортист NSX, со 573 КС и крајни 300 km/h. Како зелена алтернатива доаѓа автомобилот со погон на водород Clarity, но доаѓа и комплетно нова генерација на Civic.

Infiniti: Благодната марка на Nissan има два модела во компакт класата. Напролет пристига Q30, неколку месеци подоцна и кросоверот QX30. Техниката доаѓа од новиот партнер Daimler, односно од класата А на Mercedes. Во втората половина од 2016 ќе долета лутото купе Q60, како јапонска алтернатива на серијата 4 на BMW.

Jaguar F-Pace
Jaguar F-Pace

Jaguar: Од април за првпат ќе може да се вози спортски теренец со знакот на Jaguar. Во првиот месец од годината ќе видиме и фејслифт на знаменосецот XJ.

Jeep: Американците планираат налето да го прикажат наследникот на Compass, како конкурент на Volkswagen Tiguan & Co.

Kia: За корејската марка, годината започнува со пазарниот старт на новиот Sportage, за неколку месеци подоцна, на салонот во Женева, да следуваат уште две премиери: Хибриден модел Niro и нова генерација на лимузината од средната класа Optima, којашто за првпат ќе се нуди и во верзија на комби, со динамичен стил.

Lamborghini: Од Сант Агата пристига Huracan со 610 КС, вклучувајќи и верзија Spyder, а со малку среќа, кон крајот на годината ќе доживее премиера и теренскиот автомобил на база на студијата Urus.

Lexus: Луксузната марка на Toyota повторно им се посветува на автомобилите „за душа“ и со елегантното купе RC им се спротивставува на Mercedes C-Class Coupe и Audi A5.

Во идниот спортски теренец Maserati Levante ќе се вградуваат бензински мотори V6 со 350 и 425 КС и дизели со моќност од 250, 275 и 340 КС
Во идниот спортски теренец Maserati Levante ќе се вградуваат бензински мотори V6 со 350 и 425 КС и дизели со моќност од 250, 275 и 340 КС

Maserati: Целиот свет лудува по спортски теренци, па и италијанската луксузна марка планира во иднина да се вмеша со свој модел, кој ќе го носи името Levante. Техничката основа доаѓа од Grand Cherokee од марката сестра Jeep. Продажбата ќе стартува налето.

Mercedes: Еден од најважните новитети во 2016 година пристига од марката со сребрената ѕвезда, со премиерата на класата Е. Фејслифтите на SL и SLC ќе бидат во комплетна сенка на овој модел, исто како и кабриолетот од класата S. Како новитети во понудата од модели доаѓаат кабриолетот од класата C, како и купе-теренец на база на GLC.

Mini: Британската марка ќерка на BMW повторно ќе нуди кабриолет. Најголемиот новитет сепак следува кон крајот на годината, со претставувањето на наследникот на Countryman.

Nissan: Јапонскиот партнер на Renault напролет ќе стартува со продажба на пикапот Navara, а налето ќе биде претставен и фејслифтот на нисколетачкиот „авион“ GT-R. Возбудата ќе трае до крајот на годината, кога ќе биде претставена следната генерација на Micra.

Opel: Напролет ќе стартува продажбата на комбито од Astra, за наесен да следи и спортската верзија OPC. Ќе има и фејслифт на Zafira и Mokka, наесен ќе има премиера наследникот на знаменосецот Insignia, чијашто продажба ќе стартува дури во 2017 година.

Peugeot: Во првата половина од годината ќе биде претставен новиот Expert, во верзија на доставно возило и во патничка верзија. Во втората половина целото внимание на марката ќе биде насочено на премиерата на новиот 3008.

Porsche Cayman/Boxster 718
Porsche Cayman/Boxster 718

Porsche: Спортската марка на Volkswagen влегува во новата година со почеток на испораката на фејслифтот на 911, за потоа да следат и новите Boxster и Cayman, со додавка 718, по пример на легендарниот тркач на марката – со четирицилиндарски турбомотори. На салонот во Париз ќе стане мошне жешко со премиерата на втората генерација на Panamera.

Renault: Французите повторно ќе си ја испробаат среќата во средната класа со лимузината Talisman, којашто ќе има задача трајно да ги избрише сеќавањата на последнaта генерација на Laguna. Многу подобри изгледи за успех има новиот Megane, со продажен старт закажан за напролет. Потоа доаѓа новото компактно комби Megane Grandtour, а наесен и новиот Scenic. Тоа што авто-ентузијастите најмногу го очекуваат е повторното заживување на спортската марка Alpine, што ќе се случи наесен, на салонот во Париз.

Rolls-Royce: За 330.000 евра некои луѓе купуваат куќа, но тие што веќе имаат обезбедено сé, веројатно ќе фрлат око на новиот луксузен кабриолет Dawn. Четириседот вози со дванаесетцилиндарец со 570 КС.

Seat: Шпанската ќерка на Volkswagen исто така сака да искористи од големиот пазарен интерес за теренски возила и напролет ќе го претстави својот прв модел во овој сегмент – со техниката од Volkswagen Tiguan.

Skoda Kodiak
Skoda Kodiak

Skoda: Чесите исто така подготвуваат теренски автомобил, но тој ќе биде за еден број поголем од Seat и ќе нуди доволно простор за сместување уште двајца патници, во третиот ред седишта.

Subaru: Пролетно освежување кај јапонската марка ќе донесе компактниот кросовер XV, додека наесен доаѓа нова генерација на Impreza.

Smart: Малечкиот двосед од следната пролет повторно ќе се вози во кабриолет изведба, а повторно ќе има и верзија со електричен погон.

Baleno има јапонска премиера на салонот во Токио, по дебито во Франкфурт. Продажбата во Европа стартува напролет, во конкуренција на Polo и Fiesta
Baleno има јапонска премиера на салонот во Токио, по дебито во Франкфурт. Продажбата во Европа стартува напролет, во конкуренција на Polo и Fiesta

Suzuki: Со големо нетрпение се очекува стартот на продажбата на Baleno, како нов конкурент во компакт класата. Во втората половина од годината ќе следи и нова генерација на малечкиот кросовер Ignis.

Toyota: Заедно со фејслифтот на RAV-4, напролет следи премиера и на новиот Prius, за во текот на летото да стартуваат ванот Pro-Ace и пикапот Hilux. Во Париз ќе се појави и сериската верзија на малечкиот кросовер со впечатлив дизајн, како конкурент на Nissan Juke – секако, и во верзија со хибриден погон.

Volvo: Швеѓаните се враќаат во високата класа со лимузината S90. Петметарскиот знаменосец со четирицилиндарски мотори и помош од електромотор и турбонатполнење ќе стартува напролет. Подоцна во понудата ќе биде додадено и неизоставното комби, со ознаката V.

Volkswagen Tiguan
Volkswagen Tiguan

Volkswagen: На марката од Волфсбург прво ѝ претстои старт на продажбата на новиот Tiguan, што ќе се случи напролет. Половина година подоцна доаѓа и продолжената верзија со седум седишта. Во текот на годината ќе биде претставен Beetle Dune и ќе следат фејслифти на Up и Amarok, за наесен да се појави и комплетно преработениот бестселер Golf.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Музејот на Porsche ечеше од звукот на моторите во 2015

Автомобилската 2016 ќе биде година на многу нови „вкрстувања“