за

Нафтата може да исчезне побргу од предвиденото

Светските резерви од нафта се смалуваат нагло. Тоа го открива последната студија на една германска консултантска куќа. Новите методи на експлоатација не се толку надежни како што се очекуваше.

Експлоатацијата на сирова нафта и нафтен гас веќе го има достигнато максимумот. Количината на нафта што се црпи од различните наоѓалишта може да се зголеми со воведување на новите методи, како што е фракингот, но тоа ќе донесе само краткотрајни резултати. Фракингот претставува начин за зголемување на искористеноста на наоѓалиштата со вшприцување на флуид под висок притисок во длабочината на земјината кора. Тоа е заклучокот на студијата на консултантската куќа ЕWG од Берлин, со што се побива предвидувањето на Меѓународната агенција за енергетика, според кое степенот на експлоатација на наоѓалиштата ќе продолжи да се зголемува до 2030 година. Агенцијата предвиде дека во периодот меѓу 2020 и 2025 година, Соединетите Американски Држави целосно ќе се ослободат од зависноста од увоз на нафта и земјен гас.

Резултатот од студијата на Меѓународната агенција за енергетика се базира на две предвидувања. Првото е дека потрошувачката на нафта и земјен гас во САД ќе се намалува во позначителен степен, а второто е дека неконвенционалните резерви ќе почнат да се експлоатираат за релативно кус временски период. Во обата случаи се работи само за приближни предвидувања, без солидна основа, сметаат во консултантската куќа во Берлин. Експлоатацијата на нафта која што е соединета во карпите преку методата на фракинг ќе го достигне максимумот уште во периодот меѓу 2015 и 2017 година, што сведочи дека од новиот начин на експлоатација на наоѓалиштата се очекувало премногу. Ако на тоа се додаде и фактот дека веќе почнува да се смалува експлоатацијата на нафта преку конвенционалните методи, тоа значи дека нафтата ќе исчезне многу побрзо од очекувањата.

Големи надежи се разбудија уште пред десетина години, кога почна да се користи методата на експлоатација на нафта од длабочините на океаните. Но, за кусо време се покажа дека очекувањата биле преголеми. Едно е јасно. Наскоро ќе настапи периодот во кој цените на нафтата и земјениот гас ќе забележат досега недостигнати вредности.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Концернот PSA Peugeot Citroen може да остане без државните 7 милијарди евра

Почна големото возење за 50-годишнината на Lamborghini