за

Наместо салонот во Женева: А што ѝ фали на Lada?

Додека целата автомобилска јавност е сосредострочена на Женева, во Русија е на повидок уште една револуција. Lada ја претстави верзијата на Granta што ја заменува легендарната Samara.

Во фабриката за автомобили ООО „ОАГ“ во рускиот Ижевск денес започна произодството на комбилимузинската изведба на Granta. Првата изведба на овој модел со лимузинска каросерија беше најпродаван автомобил во Русија во минатата година. Lada Granta HB доаѓа како замена за автомобилот што се чинеше дека ќе се произведува додека постои веков, за Lada Samara. Лани сепак дојде жалниот крај и за овој автомобил.

Руските дизајнери добија налог да креираат автомобил со динамичен и модерен стил. Големината на багажникот имаше помал приоритет кај комболимузинската Granta, поважно беше да се добие силуета што нема да биде навреда за очите. Меѓу другото, купувачите што сакаат максимум простор за багаж можат и без тоа да се решат за лимузината, што и натаму ќе биде најпродавана каросериска изведба во гамата на Granta. Во секој случај, хармоничната и елегантна странична силуета на Granta е нешто што одамна го немаме видено кај руските автомобили. Оваа Lada навистина изгледа пристојно. Иако не толку модерно.

Малку помош дојде од Renault, новиот партнер на производителот на Lada, компанијата AvtoVAZ. Французите се многу поискусни во креирањето комбилимузински форми, за разлика од Русите, на кои триделната каросериска форма им е впишана во автомобилскиот генетски код.

Комбилимузинската Granta доби форма на предниот и задниот браник што се разликува од онаа на лимузинската сестра. Во предниот браник има неколку темни детали, на пример долната половина на маската и куќиштата на магленките. Темен контраст е применет и за задниот браник, во чија што долна половина е вградена црна плоча, налик на дифузор. Светилката за регистерската табличка е преселена од браникот на задниот капак, а во средината на задниот браник се наоѓа магленката со светлечки диоди. Спортските изведби на Granta ќе имаат и странични трепкачи со светлечки диоди.

Техничките податоци за петовратната Granta уште недостигаат. Лимузинската верзија како основен мотор има 1,6-литарски бензинец со 82 КС и вртежен момент од 132 њутнметри. Каросеријата има димензии 4,26 х 1,70 х 1,50, при меѓуоскино растојание од 2,47 метри и багажник од 520 литри. Со овој мотор класичната Granta забрзува до сто за 12,6 секунди, постигнува максимално 165 km/h и во просек троши 7,4 литри бензин на сто километри. Цената на рускиот пазар изнесува 5.600 евра. Моделот не се нуди на македонскиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Smart за краткотрајно изнајмување и по улиците на Рим

Концепт Bifore: Иднината на автомобилите е во шумите