за

Над 3.000 купувачи на Porsche преземаат директно од фабрика

Преземањето на возилото директно од фабрика датира уште од најраните денови на Porsche. Пред повеќе од шест децении, купувачите мораа сами да пристигаат во Штутгарт. Денес, тоа е задоволство за сé поголем број клиенти на Porsche.

Постојано расте бројот на купувачи што својот нов автомобил го преземаат директно од фабриките на Porsche. Само во минатата година, над 3.100 купувачи се одвезле со тазе автомобил од фабриката во Цуфенхаузен, во предградието на Штутгарт. Десет проценти од „нетрпеливите“ купувачи пристигаат од САД, пет проценти од европските држави, не сметајќи ја Германија. Секако дека најголемиот дел од клиентите што го преземаат возилото директно од фабрика потекнуваат од сопствената земја, дури 85 проценти. Производителот организира посебна програма која се состои од разгледување на фабриката, посета на музејот на Porsche и комплетно мени во гостинското казино во состав на фабриката.

Рпдочуениот диригент Херберт фон Карајан при преземањето на Porsche 550 A Spyder во 1959 година
Прочуениот диригент Херберт фон Карајан при преземањето на Porsche 550 A Spyder во 1959 година

Историјата на директната испорака од фабриката во Цуфенхаузен започнува кусо по изработката на првиот сериски Porsche 356 на 6-ти април 1950 година. Тогаш уште не постоеле центри на марката и продажната мрежа на независните дилери била недоволно разгранета, така што купувачите морале сами да доаѓаат во фабриката.

Фабричкото преземање има длабоки корени во историјата на спортската марка

На купувачите им се давале совети, се избирале ставки од дополнителната опрема и приборот, се правела конфигурација на возилото, се потпишувал договор и се спогодувал термин за испорака. Разгледувањето на фабриката директно пред предавањето на возилото до денес е дел од процедурата и на купувачите им овозможува да ги видат чекорите од рачната изработка во производството.

Без разлика дали се работи за возила од продукцијата во Цуфенхаузен, односно Porsche 911, Boxster и Cayman, или за возила што се произведени во Лајпцих – Panamera, Cayenne и Macan – сите овие модели може да се преземат во матичната фабрика во Цуфенхаузен. При испораката од фабриката во Лајпцих постои дополнителна можност. Клиентите можат веднаш да го испробаат своето возило на тркачката патека што е хомологирана според ФИА. За Лајпцих се решаваат околу 1.900 клиенти годишно. На обете локации се добиваат совети околу сите функции на возилото, мобилниот телефон се поврзува со комуникацискиот систем на Porsche, се објаснува работата на системите за асистенција или евентуално за хибридниот погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сопствениците ги откриваат слабостите на автопилотот на Tesla

605 КС за брзите семејни транспортери на Audi