Криза во идентитетот се забележува кај повеќето производители. Убавите автомобили се реткост, место тоа на улиците сé повеќе гледаме намуртени погледи. Агресивноста е новата убавина?
Погледнете ги Audi A4 и Audi A6 од напред. Толку се слични што може да им послужат на енигматичарите за рубриката „Воочете ги разликите“. Постои ли човек на планетава што може од напред да ги разликува одделните моделски серии на Audi? Јасно се распознава дека се работи за модел на марката со четирите прстени, но тешко кој ќе погоди за кој модел точно се работи. Кога познавачите на автомобилизмот го имаат овој проблем, како е тогаш со останатите?
Добриот автомобил има сопствен карактер
Тоа што се случува во Audi е голем проблем во актуелниот дизајн. Речиси сите автомобили изгледаат исто. Храбрите и оригинални потези на автомобилските дизајнери денес може да се видат само кај моделите што датираат од пред најмалку десетина години. Добриот автомобилски дизајн се препознава по тоа што секој модел има сопствен карактер, што е препознатлив од секој агол, но и покрај тоа се знае јасно на која марка й припаѓа извесниот модел.
Ретромоделот Mini денес се нуди во дури седум варијанти
Моделските семејства стануваат се поголеми. Најдобар пример за тоа е Mini. Од култното автомобилче од 1960-те години денес постојат седум варијанти. Покрај класичниот модел постојат купе, теренец, па дури и спортски теренец. Овој феномен што им се случува на повеќе производители веќе отиде предалеку. Дури и најинформираниот познавач да почне да ги набројува сите модели во одредено семејство, сигурно ќе заборави барем еден модел. Непрегледно е како во колонијална продавница. Ако не го прашате продавачот, никогаш нема да го најдете тоа што го барате. Од друга страна, прашање е дали ваквото ширење на моделската понуда на Mini му носи повеќе профит на производителот?
Никој не ги забележува новите модели
Повеќе не постојат граници. Постојано се исфрлуваат нови моделски изведби без да се зема во предвид естетиката. Се произведува дизајнерски отпад. Кризата во идентитетот е дотолку поопасна што доаѓа во време кога автомобилите повеќе не претставуваат статусен симбол. Купувачите губат интерес за новите модели, кои со изгледот сé повеќе се оддалечуваат од луѓето и како резулат од тоа никој не ги забележува.
Монструмите на тркала шират агресија по улиците
Убави автомобили како „бубата“, Jaguar E-Type или Porsche 911 повеќе не постојат. Место тоа по улиците се појавуваат возила со агресивни лица. Како повеќе да не е важно автомобилите да изгледаат привлечно. На улиците се појавуваат автомобилски гротески со животински црти. Тоа не е толку безопасно, затоа што овие монструми на тркала шират агресија во уличниот сообраќај и влијаат врз однесувањето на возачите.
Агресивноста стана синоним за спортскиот дизајн
Бебињата брзо по раѓањето почнуваат да ги распознаваат луѓето околу себе според очите, устата и носот. Тоа останува за цел живот. Научниците утврдија дека луѓето бараат лица и во обичните предмети околу себе. Дизајнерите ги користат овие сознанија. Светлата се очи, маската е уста, знакот на марката е носот. Така автомобилот заличува на човек.
Времињата кога автомобилите имаа симпатични и насмеани лица поминаа одамна. Светлата се претворија во тесни процепи со остри краеви, а меѓу нив се наоѓа огромна маска како расчепена уста. Намуртениот и застрашувачки поглед е модерен, тоа стана синоним за спортските автомобили.
Како дама што сиот свој накит го носи на себе
Дури и Mercedes не е поштеден од дизајнерските трендови. Актуелните модели се премногу ориентирани кон стилот и се забораваат емоциите. Пример за тоа е CLA. Купето со четири врати изведено од класата А изгледа како дама што сиот накит го носи на себе. На тој начин се губи убавината. Една од најважните дизајнерски тези гласи: Помалку е повеќе.
Volkswagen Up изгледа едноставно и привлечно
Но, не е сé изгубено. Секако дека постојат и позитивни примери. Volkswagen Up, на пример, во дизајнот се повикува само на најосновното и токму поради тоа изгледа симпатично и препознатливо. Рамните и прецизно изработени линии се во согласност со намената на моделот. Volkswagen Up е функционален градски автомобил и тоа се воочува во неговиот минималистички дизајн, ослободен од орнаменти и зашеќерени детали. Поради релаксираната и неагресивна појава, Up изгледа мошне пристојно.
Електро автомобилот BMW i3 има генијален дизајн
Првиот електро автомобил на BMW е следниот позитивен пример. Со препознатливиот и поларизирачки дизајн тој изгледа генијално. Мошне храбро е тоа што i3 се откажува од класично динамичниот изглед на другите модели на марката, јасно се разликува од нив, но сепак се препознава како BMW. Сето тоа не е случајност. BMW i3 не е обичен автомобил, туку е електро автомобил. Тоа соодветно го порачува и надворешниот изглед на возилото. Неговата најголема предност во споредба со многуте други автомобили: Моделот се препознава уште на прв поглед.