за

Може ли Fiat да биде Jeep?

Чувај се, застрашувачкиот Renegade јури по теренот. Дури и да постоеше само како играчка, децата ќе го игнорираа

На автомобилската сцена стапува најмалечкиот Jeep на сите времиња. Но, Renegade во основата е само премаскиран Fiat 500X. Дали култната марка со теренците смее да си го дозволи тоа?

Единствениот вистински Jeep од Италија се има појавено во пролетта 1945 година, и тоа со генералот Кларк и со неговата петта армија. Со таква историска заднина на култната американска марка е навистина комично кога новиот Jeep Renegade се појавува со нацртани дамки од кал и украсен со стилизиран крст каков што вообичаено имаат резервните канистри за гориво.

Секое појавување на нов модел од марката што тврди и притоа е често во право дека ги прави најдобрите теренци на светот, па бездруго и милиони народ извикуваат „џип“ кога ќе здогледаат какво било теренско возило, досега беше проследувано со одушевување од автомобилската публика. Cherokee, Grand Cherokee, Wrangler – сите тие се автомобилски икони со долга историја и колку толку беспрекорен имиџ на теренец. Но, како сега да се реагира на последниов модел, што во основата не е ниту Jeep, туку е Fiat, марка чијшто имиџ сигурно не се поврзува со теренец – со чесен исклучок на Campagnola – туку со малечки градски автомобили што се очекува да откажат во секој момент, ако претходно не се распаднат како последица од корозија. Последново без исклучок на Campagnola.

Злоставување на имиџот на Jeep: Вакви детаљи се невкусни на автомобилче што е беспомошно покрај вистинските теренци
Злоставување на имиџот на Jeep: Вакви детаљи се невкусни на автомобилче што е беспомошно покрај вистинските теренци

Секако дека кога основата доаѓа од Fiat, производството не може да биде во Толедо, Охајо, туку во Мелфи. Секако дека кога се работи за толку малечок автомобил, и основата не може да доаѓа од Jeep, туку од Fiat, конкретно од 500X/L. Американците немаат искуство со малечки автомобили и можеби им се чинело како добра идеја техниката да им ја препуштат на специјалистите Италијанци, но народот тука во Европа има искуство со италијанските автомобили, а тоа вели – Fiat на асфалт можеби и ќе мине, но на терен, тоа малку потешко.

Итало-вестерн е добра формула за филм, но Renegade е во погрешниот филм

Можеби „новите“ италијански стратези во Fiat Chrysler Automobiles очекувале Jeep Renegade да биде прифатен исто толку добро како итало-вестерните од времето. Но, некако има проблем Renegade да се прифати како каков било вестерн. За тоа е премногу мек и девствен. Освен седумте вертикални отвори што ја сочинуваат препознатливата „маска“ на Jeep, Renegade нема ништо заедничко со традиционалната американска марка. Сигурно дека итало-американскиот концерн во меѓувреме има пуштено и многу полоши автомобили да возат по патиштата и улиците, но за да биде вистински Jeep, Renegade треба прво да се ослободи од детската шема на неговиот технички донатор Fiat 500X. Мини-џипот е премногу наџиџан, премногу грижа да изгледа убаво, премногу е испран и речиси е пресладок … и таков е. Едноставно, во него има премногу италијански шарм.

Демек извалкано. Пластични играрии што треба да изгледаат како дамки од кал
Демек извалкано. Пластични играрии што треба да изгледаат како дамки од кал

Како би изгледало на бројачот на вртежи да има нацртано дамки од кал или по отворањето на капакот на резервоарот да скокне пајак, заради шега? Фантастично, сигурно. Стилизираниот крст што го има секоја поквалитетна резервна кантичка за гориво, Renegade го има на секој агол, па дури и во задните светла и во држачот за пијалаци. Сигурно е дека ниту еден Renegade никогаш во неговиот век нема да носи резервна кантичка за гориво. Минито едноставно е премногу слатко што смешно е со него да се излезе на терен. Тоа е далеку од милитантниот, воинствен имиџ на Jeep. Тоа е намерно. Не е случајност што автомобилот го носи името Renegade. Со други зборови, дезертер.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Caddy: Од пикап до транспортер за секоја пригода

Nanoflowcell Quant F: Супер електричниот автомобил е пред старт