за

Моделско освежување за Seat Leon и најава за два нови модела

Seat Leon во моментов е најпродаван модел на шпанската марка и заслужува освежување. Братот на Golf пристига со мали промени во изгледот, дополнета понуда од системи за асистенција и поврзување со преносни уреди, нов 1.6 TDI со 115 КС и преработена внатрешност. Напролет треба да се очекуваат уште два важни новитета: Ibiza и кросоверот Arona.

Seat ја продолжува својата најголема моделска офанзива со освежувањето на Leon, еден од трите носечки модели на шпанската марка. Моментно најпродаваниот модел на Seat ќе стартува со продажба на освежената верзија веќе во почетокот на следната година. Освен во изгледот, промените главно се сведуваат во новите системи за асистенција, безбедносните системи и во поврзувањето со преносни уреди.

Предниот дел доби поостри и понагласени линии, најзабележливи во браникот, како и странични рабови по должината на каросеријата што не се толку впечатливи како порано. Маската порасна во ширина за дури 40 милиметри и со хромираниот финиш сега оддава поубедлив впечаток. Светлата исто така се преработени, со диодна технологија и за трепкачите и магленките. Како и досега, Leon ќе биде достапен во три каросериски изведби: Купе SC, комбилимузина со пет врати и комби ST.

 

Seat Leon

Во средишната конзола се забележува новиот дисплеј од 8 инчи, којшто ги презема функциите на повеќе прекинувачи и контроли, а воедно и на новото амбиентално осветлување со светлечки диоди. Хоризоналниот дел од конзолата доби поголема функционалност со преоѓањето на електрична контрола на паркирната сопирачка.

Leon ги доби и системите за асистенција што претходно беа воведени во Ateca, вклучувајќи приспособлив темпомат што самостојно го запира и забрзува возилото при возење во застој, вклучувајќи и корекции со воланот за следење на лентата до брзини од 60 km/h. Радарскиот темпомат самостојно го запира возилото при опасност од удар во друго возило или пешак на патот.

Отсега и во Leon е можно безжично полнење на паметниот телефон

Во понудата од мултимедиски системи и можности за поврзување со преносни уреди се издвојува Seat Connect App, со говорна команда и ракување преку гестикулација. Полнењето мобилен телефон отсега се врши безжично, а за беспрекорното користење на телефонот се грижат Full Link, со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto.

На нивоата на опрема Reference, Style и FR им се придружува Xcellence, како врвно ниво ориентирано кон комфор и луксуз, по иста цена со спортското ниво FR. Наскоро ќе се придружи и екстремната Cupra.

По 115 КС за 1.6 TDI и за трицилиндарскиот 1.0 TSI

Новитет во понудата од дизел мотори е 1.6 TDI со 115 КС, додека комбито ST во верзија со дволитарски дизел со 150 КС и погон 4Drive отсега е достапно и во комбинација со 7-степен менувач со двојна спојка. Врвот во понудата од дизели е за дволитарскиот TDI со 184 КС. Дијапазонот на моќност кај бензинците се движи меѓу 110 и 180 КС, вклучувајќи го еднолитарскиот TSI со три цилиндри и 115 КС. За пазарите кадешто е достапен метан, Seat го нуди Leon 1.4 TGI.

Шпанската марка на Volkswagen ги најави и следните два нови модела во понудата – петтата генерација на Seat Ibiza и компактниот кросовер Seat Arona, со премиера што веројатно ќе се случи на салонот во Женева. Изненадувања треба да се очекуваат и од верзијата Cupra на новиот Leon.

[FAG id=25906]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пет совети за сочувување на подвозјето на автомобилот

Нова куќа во ЕУ само со приклучок за полнач за електромобил