за

Моделското семејство на Porsche 911 доби принова

Повеќе од дваесет моделски изведби ја сочинуваат гамата на спортскиот класичар Porsche 911. Марката од Цуфенхаузен ја претстави освежената генерација на 911 GTS, како прв преоден степен меѓу стандардните „единаесетки“ и екстремните тркачки изведби. GTS има модифицирано турбо, спуштено подвозје, неколку белези за распознавање и побогата опрема.

Моделската верзија GTS во март ќе ја дополни гамата на Porsche 911. Моќноста на трилитарскиот боксер е зголемена на 450 КС со нов турбополнач. Моделот ќе биде достапен како купе и кабриолет, со погон назад или на сите тркала и како 911 Targa GTS со погон на сите тркала. Тоа е за 20 КС повеќе од претходникот со атмосферски мотор и 30 КС повеќе од 911 Carrera S. Во сите моделски изведби може да се доплати за менувач со двојна спојка, место стандардниот мануелен менувач со седум степени.

Porsche 911 Carrera GTS

Максималниот вртежен момент од 55 њутнметри стои на располагање меѓу 2.150 и 5.000 вртежи. Активното подвозје PASM се вградува стандардно, со таа разлика што во купе изведбите на GTS работи спортско подвозје PASM коешто ја спушта каросеријата за 10 милиметри. Најбрзиот спринт го постигнува 911 Carrera 4 GTS Coupe, со менувач со двојна спојка и сериски пакет Sport-Chrono: 3,6 секунди до сто. Сите моделски изведби постигнуваат крајна брзина над 300 km/h, односно 312 km/h во случајот на 911 Carrera 4 GTS Coupe со мануелен менувач и заден погон.

Зафати во аеродинамиката дополнително ги подобруваат возните својства

GTS се базира на широката каросериска изведба за моделите со погон на сите тркала. Новиот преден браник го нагласува спортскиот карактер, додека новиот преден спојлер и повисоката крајна положба на задниот спојлер го намалуваат динамичното подигнување на предната и задната оска во споредба со Carrera S.

Porsche 911 GTS

Затемнети задни светла, црна решетка на маската и средишно поставени двојни издувни цевки оставаат посебен белег на опашот на GTS. Црна украсна лајсна меѓу задните светла е знак на распознавање на верзиите со заден погон, додека моделите со погон на сите тркала имаат светлечка лента на истото место. Отстрана, моделот се распознава по дизајнот на ретровизорите, црно лакираните бандажи со централна навртка и натписот GTS. Лакот зад предните седишта кај Targa 4 GTS за првпат е бојадисан во црно.

Алкантара преовладува во кабината на Porsche 911 GTS

Штоперицата на серискиот пакет Sport Chrono е во средината на арматурната табла. Спортските седишта се обложени со алкантара и се електирчно задвижувани – секако, со натпис GTS на нив. По кокпитот се поставени црно елоксирани алуминиумски лајсни, додека обрачот на воланот, средишната конзола меѓу седиштата и потпирачот за рака исто така се обложени со алкантара.

Porsche 911 Carrera 4 GTS Cabriolet

Porsche ја преработи апликацијата Porsche Track Precision специјално за пазарниот старт на моделите GTS, којашто меѓу другото овозможува автоматско снимање, детален приказ и анализа на податоците од возењето на паметен телефон.

Моделите GTS во германскиот ценовник чинат меѓу 124.451 евра и 144.919 евра.

911 Carrera GTS 124.451 евра
911 Carrera 4 GTS 131.829 евра
911 Carrera GTS Cabrio 137.541 евра
911 Carrera 4 GTS Cabrio 144.919 евра
911 Targa 4 GTS 144.919 евра

[FAG id=26957]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Samsung SDI со нова генерација батерии: 500 километри за 20 минути

Оваа Toyota Camry ја сакаме и по нашите улици