за

Мобилна апликација може да им го спаси животот на пешаците

Добавувачот ZF разви систем што може да ги спречи незгодите меѓу возилата и пешаците или велосипедистите. За системот да функционира, потребни се паметен телефон, апликација и мрежа.

Денешната генерација оди со наведната глава – затоа што гледа во мобилниот телефон. Жаргонски, тоа се „смомби“, како кованица од смартфон и зомби. Но, поради одвлекувањето на вниманието, при движењето со мобилен в рака честопати се доаѓа во опасна ситуација. Дури и Светската здравствена организација подигна аларм заради растечкиот број незгоди што се предизвикани од користењето на мобилните.

Половина од 1,25 милион жртви во сообраќајот во светот секоја година, отпаѓа на незаштитените учесници во сообраќајот, односно на пешаци, велосипедисти и слично. Добавувачот на производителите на автомобили ZF најде решение, коешто функционира едноставно и без потреба од поставување дополнителна инфраструктура. За нивниот систем да функционира потребни се само мобилен телефон, апликација и мрежа. Принципот е едноставен: Телефонот на пешакот и телефонот на возачот се поврзани на мрежа и комуницираат меѓусебно преку „податочниот облак“. Кога апликацијата што е инсталирана во обата уреди ќе препознае опасност од незгода, следи предупредување за пешакот и за возачот. Системот функционира и со таблет или паметен часовник.

Точноста на апликацијата во мрежа 5G изнесува помалку од половина метар

Предноста е во тоа што системот гледа и „зад агол“ и реагира уште пред опасноста да се создаде. За лоцирање на учесниците во сообраќајот, софтверот го користи сигналот од сателитската навигација, од сензорите во уредите и координатите од GSM. Точноста моментно изнесува три метри, но со мрежа 5G таа може да се сведе на помалку од половина метар. Брзината на реакција изнесува меѓу 100 и 150 милисекунди, што е практично без доцнење.

Развојот на технологијата до сериска зрелост се очекува да трае уште половина година. Досега се изминати осум месеци во „тренирање“ и тестирање, додека софтверот научи да распознава движење на автомобил, на пешак или велосипедист. Софтверот постојано учи, собира нови податоци.

За изумот на ZF се заинтересирани повеќе производители на автомобили, но и производители на мобилни навигациски уреди и софтвер. Во иднина, системот би можел да иницира и нагло сопирање на возилото во случај на опасност. Според ZF, со оваа технологија може да се спречат околу 50 проценти од незгодите, односно до 80 проценти, доколку се изгради и дополнителна инфраструктура покрај патиштата и во возилата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ова се најеколошките (и најевтини) автомобили на македонскиот пазар

volkswagen tuzbi avstrija

Новата марка на Volkswagen се вика Moia и нема врска со производство на автомобили