Природниот гас се појавува зачестено во настапот на марките на концернот Volkswagen. Дали Волфсбург веќе го отпиша дизелот и дава дополнителен поттик за примена на метанот како погонско гориво? Можно е ова да биде новиот тренд во браншата. Европа не мора да тагува по дизелот: Пример со една автошкола во Мадрид.
Големите европски градови преземаат конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во урбаните средини. Извесно е дека ќе се зголемува бројот на градови што го забрануваат пристапот во центарот за постари возила со дизел мотор, соодветно ќе растат и давачките за нивна регистрација. Нарушениот имиџ на дизел моторот по аферата со Volkswagen дополнително ги колеба купувачите. Тоа ја поставува автомобилската индустрија пред нови предизвици, вклучувајќи ги и сите сектори што се поврзани со сообраќајот.
Браншата веќе има решение, настрана од електричниот погон. Метанот не е нов, но има нова и посигурна иднина. Кои се предностите на метанот како погонско гориво? Една автошкола во Мадрид, Autoscuelas Gala, во својот возен парк од автомобили за обука располага со пет возила Seat Leon со погон на метан. Според Шпанците, секој од овие автомобили на годишно ниво заштедува по 800 евра во трошоци за гориво, но ја поштедува и животната средина, поради значително почистиот издув.
Конкретниот пример е со автошкола, но може да се однесува и на такси-службата, на државните институции, комуналните претпријатија:
2.500 часови обука на возачи, 8.000 полагања и емисија на штетни материи намалена за 85%
За обука на 8.000 возачки кандидати, секој автомобил годишно минува во просек по 2.500 часови. Главната предност на погонот на метан е во емисијата на азотни оксиди којашто е за 85% пониска во споредба со возилата со дизел мотор.
250 километри возачка обука дневно, за помалку од 10 евра
Според шпанските цени, метанот е за околу 50% поевтин од бензинот и 30% поевтин од дизел горивото. Со метан за 20 евра во резервоарот, автомобилот за обука ќе мине 550 километри, додека со бензин за истиот трошок ќе се мине за половина помала километража.
800 евра заштеда во гориво по автомобил на годишно ниво
Секој автомобил во автошколата годишно минува во просек по 50.000 километри, што е приближно колку еден круг околу земјината топка. Со пониските трошоци за гориво на автомобилите со погон на метан, автошколата заштедува 800 евра годишно, по автомобил – во споредба со дизел. Пет возила, четири илјади евра заштеда.
Без ограничување во сообраќајот
Благодарение на нивната еколошка погодност, возилата со погон на компримиран природен гас можат слободно да сообраќаат во градовите кога се воведуваат забрани поради прекумерна загаденост на воздухот. Властите во Шпанија ги признаваат возилата со погон на метан како еколошки возила.
9.000 школи за обука на возачи во Шпанија
Доколку близу деветте илјади автошколи во Шпанија ги заменат своите дизел автомобили со возила со погон на метан, емисијата на азотни оксиди ќе се намали шестпати.