за

Местење цени во Шпанија: Казна од 171 милион евра за автопроизводителите

Шпанските власти казнија 21 автопроизводител и две консултантни фирми заради спречување на условите на конкурентност на пазарот, преку договарање на исти цени за возилата и услугите.

Производителите на автомобили во Шпанија се соочуваат со казна од 171 милион евра поради непочитување на правилата на конкурентност на пазарот. Највисока казна ќе ја платат Opel и Ford, во висина од 22,8, односно 20,2 милиони евра. Следни се француските марки Renault (18,2 милн. евра) Peugeot (15,7 млн. евра ) и Citroen (14,8 млн. евра). Шпанските власти утврдиле дека производителите на автомобили дејствувале како картел, преку размена на чувствителни информации во врска со продажбата, сервисирањето и одржувањето на возилата. Производителите меѓу другото ја договарале висината на попустите, за да се спречи ценовна војна и прениско спуштање на цените во продажбата на нови возила.

Највисока казна изречена досега од државната анти-картелска агенција

Истрагата започната во шпанската автомобилска индустрија во 2013 година заврши со највисоките казни што досега ги има изречено државата. Вкупно е проверена работата на 124 компании. Лани во март беа казнети 45 дилери на Toyota, Hyundai и Opel за воспоставување на ценовен картел во Мадрид и Галиција. Неодамна започна истрага и меѓу дилерите на Volvo. Производителите имаат рок од два месеца да поднесат жалба. Анти-картелската државна агенција ги одредила казните според годишниот промет и тежината на пазарниот престап на одделните производители.

Групацијата Volkswagen, вклучувајќи ја домашната марка Seat, нема да платат казни, поради нивниот придонес во истрагата. Токму германскиот гигант и неговата шпанска марка ја иницираа истрагата, откако поднесоа заедничка жалба до агенцијата. Seat и Volkswagen први укажаа на пазарните неправилности и помогнаа анти-картелската агенција да изнајде решение за ситуацијата. Доколку не беше поштеден, Seat ќе мораше да плати казна од околу 40 милиони евра.

Десетте најголеми марки држат помалку од 70 проценти од пазарот

Според здружението на производителите на автомобили во Шпанија, фактот дека цените во последните шест години се намалиле за 15 проценти докажува дека во семјата сепак се почитуваат пазарните законитости и не се повредуваат правата и интересите на купувачите. Здружението исто така наведува дека за разлика од телекомуникацискиот сектор, каде што владеат само три субјекти, на автомобилскиот пазар не постои монополска ситуација, затоа што десетте најголеми марки држат помалку од 70 проценти од пазарот. Студија на организацијата за заштита на правата на потрошувачите, пак, сведочи дека на пазарот на автомобили во Шпанија постојат разлики во цените и до 30 проценти, зависно од марката и дилерот.

Преглед на најпродаваните модели во Шпанија во првиот квартал од 2015

# Марка и модел Продажба во I. квартал ‘15
1 Seat Leon 19.545
2 Seat Ibiza 19.385
3 Volkswagen Golf 15.748
4 Volkswagen Polo 14.406
5 Renault Megane 13.720
6 Opel Corsa 13.175
7 Dacia Sandero 13.010
8 Renault Clio 12.919
9 Nissan Qashqai 12.071
10 Ford Focus 10.654

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari оди на берза да обезбеди пари за Alfa Romeo

Airstream: Летување во кампинг приколка и со стил