за ,

Малите дизели во неизвесност поради строгите еколошки норми

Воведувањето на построги норми за издувни гасови ја става под знак на прашање иднината на автомобилите со мали дизел мотори. Тоа е оцената на европската асоцијација на производители на автомобили.

Преоѓањето на построг режим за одредување на емисијата на штетни материи од автомобилите по откривањето на практиката во целата бранша за прикривање на реалните вредности по случајот со Volkswagen, може да го означи крајот за малите дизел мотори во моделите од пониските класи. Во времето кога изби аферата околу примената на софтвер за лажно прикажување на вредностите на емисијата на азотни оксиди кај дизел моторите на Volkswagen, Европската Унија веќе подготвуваше план за намалување на разликата меѓу лабораториски измерените вредности и реалните вредности на емисијата.

Неодамна Европската комисија ги изгласа новите норми за мерење на штетните гасови кај возилата. Во иднина, истите ќе се мерат во услови што се поблиски до реалниот сообраќај, што значи дека производителите ќе мора да применат посложени и поскапи технологии за пречистување на издувот, а ќе се зголеми и тежината на возилата. Поголемите и поскапи модели ќе можат да го издржат овој ценовен „товар“, но не и моделите од пониските и поевтини класи.

До стапувањето на првата фаза од воведувањето на новите норми во септември 2017 година, дел од моделите со дизел мотор ќе мора да се повлечат од понудата на производителите. Од асоцијацијата на европски производители на автомобили ценат дека околу 5 проценти од сегашните и планираните модели со дизел мотор ќе исчезнат од пазарот. Поскапувањето на дизел моделите од пониските класи ќе ги направи истите неатрактивни за купувачите.

Во првата фаза до септември 2017, на производителите ќе им се дозволи реалната емисија на штетни материи да отстапува двојно над лимитот, но веќе од 2021 година, ова отстапување ќе се скуси на само 50 проценти над дозволените вредности. Автомобилските производители во последните години значително ја проширија понудата од модели со дизел мотор, затоа што тие им овозможија да ги задоволат строгите норми што ја ограничуваа емисијата на СО2. Дизел моторите во основа имаат пониска емисија на СО2 во споредба со бензински мотор во иста класа на моќност. Но, од друга страна, повисоката количина на азотни оксиди остана запоставена од старата регулатива.

Овие промени ќе го поттикнат натамошниот развој на хибридните и електричните модели. Според последните истражувања, емисијата на СО2 на возниот парк во Јапонија, каде што производителите го преферираат хибридниот погон пред дизел моторите, пониска е за 16 проценти во споредба со Европа, каде што дизелите учествуваат со над 50 проценти во возниот парк. Дизелите имаат негативен ефект врз животната средина и со високата емисија на неразградливи честички во издувот. Друга серија истражувања во Франција утврди дека дури 75 проценти од филтрите што се вградуваат во возилата со дизел мотор се неефикасни во поглед на пречистувањето на честичките чад од издувот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Jaguar преоѓа во следната лига: 320 km/h за F-Type SVR

Kia Optima Sportswagon со премиера на салонот во Женева