за

Магазинот auto motor und sport со информации за Golf VIII

Volkswagen Golf VIII (2017)

Во ексклузивна објава, култниот германски магазин пишува за следната генерација на Golf. „Само нов изглед или осмата генерација на бестселерот навистина ќе биде подобра?“, прашува auto motor und sport.

Според информациите на магазинот auto motor und sport, следната генерација на Volkswagen Golf нема да се разликува од актуелниот модел само со техниката, туку и со изгледот. Како што магазинот дознава од интерни извори, следната генерација ќе биде претставена веќе во 2017 година. Тоа значи дека актуелниот Golf, прв што се базира врз модуларната платформа на концернот и претставен на пазарот во 2012 година, ќе добие замена со нова моделска генерација по само пет години.

Изгледот на Golf VIII ќе се разликува од Golf VII во многу поголема мера отколку што актуелниот модел се разликува од претходникот. Дизајнерите осмислија поширока и пониска каросерија во споредба со сегашниотмодел, а оптичките дизајнерски белези, како што се предните и задните светла, ќе станат многу повпечатливи.

Техниката на идниот Golf ќе се базира на новиот Passat, особено во поглед на бројните системи за асистенција, а истото важи и за кокпитот. Golf VIII ќе поседува систем за самостојно запирање при опасност од удар во пешак при градско темпо, ќе има и напреден систем за самостојно паркирање, вклучувајќи камери со поглед од птичја перспектива, проекциски дисплеј и систем за поврзување MirrorLink, којшто дисплејот на приклучениот паметен телефон го прикажува директно на дисплејот во кокпитот.

Се работи и на натамошно намалување на потрошувачката на гориво, со цел да се задоволи лимитот на ЕУ од 95 грами СО2 на километар за бензински и дизелски мотори, којшто ќе важи од 2020 година. Тежината повторно ќе изгуби 50 килограми. Веројатно е дека во Golf ќе се вградува и новиот трицилиндарски TDI од 1,4 литар, што дебитираше во фејслифтот на Polo. Другите мотори ќе имаат можност за исклучување на дел од цилиндрите при умерено оптоварување, како систем што веќе се користи во моделите на Volkswagen.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тјунерот Irmscher ќе изработи само 100 примероци од оваа Opel Astra

Škoda стартуваше со производство на Octavia Scout