за

Магазинот „auto motor und sport“ за тестот на BMW i8

Воведувањето на хибридниот погон во моделската гама на BMW ќе се случи екскплозивно. Моделите i3 и i8 веќе донесоа вредни искуства

Германскиот магазин го бара наследникот на BMW M1, последниот суперспортски модел на Баварците, во хибридниот i8. Ќе успее ли овој двосед со карбонска каросерија да ги импресионира колегите од магазинот?

Водечкиот германски магазин за автомобили веќе го тестираше новиот суперавтомобил на сино-белата марка. BMWi8 е долго исчекуваниот наследник на легендарниот M1. Но, место со класичен погон и со коњски сили што се хранат здраво со бензински октани, i8 користи хибриден погон и лесна каросерија од карбон. Auto motor und sport прашува: „Дали i8 навистина е спортски автомобил?“

Ако се суди според ограничувањата во функционалноста, коишто се својствени за секој суперспортски автомобил, тогаш одговорот е – да! „Протнувањето под крилестите врати е својствено за суперспортските автомобили. Без лимбо-тренинг е тешко влегувањето, но уште потешко е излегувањето. Подобро е од i8 да се излезе подалеку од сцената на уличните кафулиња“, пишува магазинот.

На праговите на спортското купе се забележува карбонската структура на каросеријата, којашто придонесува за ниската тежина на хибридниот автомобил. Иако во себе носи тешки батерии, BMW i8 нее потежок од Porsche Carrera S. Магазинот натаму забележува дека во кокпитот не се стекнува впечаток како да се седи во вселенски брод – „се е таму каде што очекуваат возачите на BMW, вклучувајќи го и копчето за стартување“. Под ова копче се наоѓа уште едно копче, за активирање на електричниот погон. При полни батерии, i8 поаѓа чисто на погон на струја, без помош од обичниот мотор.

На тест рутата на auto motor und sport, спортскиот хибрид на BMW минува 31 место ветените 37 километри, што сепак е задоволнителна вредност. Забрзувањето до 100 km/h со енергијата во батериите трае единаесет секунди. Магазинот споредува: „Дури и во електричниот модус i8 е исто толку брз колку повеќето лимузини од средната класа под полна гас.“ Откако наполнетоста на батериите ќе спадне на десет проценти се вклучува трицилиндарскиот бензинец и ги полни истите. Моторот има двојна функција: Тој е подвижна електрана и погонска единица при побрзо возење. Вториов модус е достапен уште од старт, ако рачката на шестстепениот автоматски менувач се префрли во Sport.

Чувствително подрачје за експертите на магазинот е звукот на трицилиндарскиот мотор: „Иако агрегатот што е познат од Mini е солидно тапациран во подрачјето на басот со помош на генератор на звук, оштрото брмчење на спортски автомобил во i8 се слуша само кога возилото стои во место. Потоа се слуша само нехармоничното руморење од непарниот број на цилиндри.“ Трицилиндарецот од 1,5 литар користи голем турбокомпресор за да постигне 231 КС. За магазинот е очекувано тоа што моторот не реагира бурно при притискање на гасот, но критикува за турбо-дупката. Спас нуди само фактот што под полна гас веднаш се активира електромоторот и потпомага во погонот на возилото. Auto motor und sport измери просечна потрошувачка на тестот од 7,5 литри бензин. Текстот: „Ова е впечатлива вредност, бидејќи i8 забрзува слично како 911 Carrera S, којшто троши значително повеќе.“ Најголемата придобивка од хибридниот погон се покажа на стандардната тест рута на магазинот, каде што при умерено возење беше постигнат просек од 2,6 литри и 11,9 киловати на час, што е блиску до фабричката декларација од 2,1 l/100 km.

Преостанува само уште критиката за тоа како i8 ги „фаќа кривините“. Auto motor und sport оценува дека амортизацијата на споредните патишта се покажува исклучително крута, но затоа купето реагира будно и прецизно на воланот, како што и треба да се очекува од возило со централно поставен мотор. „Тоа останува неутрално во брзите свијоци, но почнува да чкрипи релативно рано во тесните свијоци.“ Германците критикуваат и за отсуството на „интимна“ повратна информација во електромеханичкото управување, кое што треба да го сигнализира претстојното подуправување. Како резултат од тоа „останува впечатокот како човек да не е вистински поврзан со збиднувањата, како што се очекува од агилно спортско возило“. Крутото подвозје речиси не се наведнува при вртење и BMW i8 го совладува избегнувањето пречки исто како 911 Carrera S, но во слаломот останува зад спортската икона, поради тоа што нема доволно контакт на предната оска. Покрај тоа, „варијацијата во ослободувањето на вртежниот момент при играњето со педалот за гас – напред електромотор, назад бензински мотор – го нарушува балансот.“ Според магазинот, вината е до тркалата. Задните гуми на BMW i8 имаат ширина колку предните гуми на Carrera S, што е поволно за отпорот при тркалање и за потрошувачката, но е лошо за страничното држење во свијоци.

Управувањето е едноставно и со BMW i8 можат лесно да пилотираат тие што првпат купуваат спортски автомобил. „Тие ќе уживаат повеќе во BMW i8 отколку амбициозните пилоти на Нирбургринг. Тој не е соодветниот автомобил за тркачката патека, но затоа е совршен за еколошко луксузно живеење. BMW i8 не ја исполнува примарната цел на спортските автомобили, да поднесува натпросечно висока брзина во свијоци, исто како што не ја задоволува потребата од емоции во погонот. „И покрај тоа, i8 е фасцинантен автомобил. Со најмалку еден цилиндар повеќе и со пошироки гуми, веројатно би бил уште пофасцинантен“, заклучува auto motor und sport.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Клима уредот може да биде извор на бактерии во кабината

Берлин има 1.000 такси возила со хибриден погон