за

Лондон се справува со инвазијата од суперавтомобили

Лондонските улици секое лето се претвораат во парадна писта за богатите сопственици на суперавтомобили кои копнеат за внимание. Полицијата повеќе не го простува нивното опасно возење.

Сопствениците на суперавтомобили можат да се соочат со протерување од најелитните квартови во Лондон или со запленување на нивниот автомобил доколку креваат премногу врева или предизвикуваат опасни ситуации со своето возење. Парада од скапи примероци од марките Ferrari, Lamborghini и други егзотични машини во Кенсингтон и Челси стана редовна појава во летните месеци во минативе неколку години.

Богатите туристи што пристигаат во британската метропола со своите суперавтомобили и обично потекнуваат од арапските земји, не можат да одолеат, а да не се „покажат“ во овие престижни лондонски квартови, во средина на хотели со пет ѕвезди, ексклузивни ресторани и бутици. Сезоната на суперавтомобили им предизвикува глабоволки на жителите и на вработените, со чкрипење на гумите и турирање на машините.

„Спотерите“ исто така сносат дел од одговорноста за дивеењето со суперавтомобилите по елитните лондонски квартови. Тие пристигаат во Лондон заедно со скапите и брзи автомобили и ги објавуваат уличните лудории по социјалните мрежи

Присуството на суперавтомобили привлекува и голем број „спотери“ по ретки и скапи возила, кои честопати и самите се доведуваат во опасни ситуации во ловот на добра фотографија или видео за зголемување на посетеноста на нивните социјални медиуми. Тоа побуди загриженост дека опасното возење, коешто најчесто вклучува агресивно забрзување, може да доведе и до жртви.

Полицијата реши да ја стави оваа ситуација под контрола. Возачите што ќе бидат фатени како го нарушуваат јавниот ред и мир со силна бучава или опасно возење во Кенсингтон и Челзи ќе се соочат со забрана за пристап во овие елитни квартови, но и со притвор или заплена на возилото. За решението на проблемот да биде комплетно, казни следуваат и за спотерите, кои им „помагаат“ на бесните возачи по лондонските улици да го постигнат посакуваниот публицитет. Оваа шема е на важност од минатиот петок. Уште во првиот ден биле изречени 13 забрани и седум казни за најразлични прекршоци за несоодветно возење.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Добро меѓусебно разбирање води кон поголема безбедност во градскиот сообраќај

Audi стартува со продажба на R8 Spyder V10: Цената е 179.000 евра