за

Лимузината од серијата 1 на BMW само за кинескиот пазар

Тоа што се појави како концептен автомобил на ланскиот салон во Гванжу, годинава веќе стартува како сериски модел. Ексклузивно на кинескиот пазар ќе се продава лимузинската изведба од серијата 1, произведувана локално со Brilliance, традиционалниот партнер на BMW. Базирана на платформата UKL, лимузината вози со преден погон. Има и ексклузивна златна боја, верно на начелата на фенг шуи.

BMW премиерно ја претстави лимузината од серијата 1 на салонот во Гванжу, како модел што е развиен специјално за кинескиот пазар и ќе се произведува локално со партнерот Brilliance. Според BMW, лимузината е родена во „вистинско време, на вистинско место и за вистинските луѓе“, односно пристига во време кога премиум моделите од компакт класата бележат најголем раст на пазарот, на пазар кадешто младите купувачи почесто се решаваат за премиум марките.

BMW serija 1 limuzina

Платформата на лимузината од серијата 1 потекнува од ванот од серијата 2 и од Mini Clubman (UKL2), што значи дека погонот е напред. Под хаубата работи 1,5-литарски трицилиндарец со турбонатполнење и 136 КС во верзијата 118i Sports Sedan, како и дволитарски турбо во верзија со 192 КС во BMW 120i Sports Sedan и со 231 КС во 125i Sports Sedan. Преносот на сила е преку шест- или осумстепен автоматски менувач.

Подебело обложување на задната клупа и специфични детали за Кина

На кинеските купувачи им е особено важно нивниот автомобил да располага со многу простор на задната клупа и седењето да биде комфорно. BMW излегува во пресрет на овие барања со подебело обложување на задната клупа. Меѓуоскиното растојание од 2,67 метри е идентично со позајмувачите на платформата, односно со BMW X1, вановите од серијата 2 и Mini Clubman и Countryman.

BMW serija 1 limuzina

Дизајнерските белези на BMW и на серијата 1 се уште повпечатливи кај лимузината: „Двата бубрега“ се поголеми, хаубата е подолга и повисока, светлата се редизајнирани и располагаат со диодна техника, линијата на појасот е понагласена. Триделната група отвори за воздух во подножјето на предниот браник е детал преземен од верзиите на M GmbH. Задните светла во форма на L исто така укажуваат јасно на потеклото на моделот.

Проекциски колор дисплеј спаѓа во стандардната опрема

Во кокпитот стандардно следуваат копче старт-стоп, електрична контрола на паркирната сопирачка, проекциски колор дисплеј, средишен дисплеј од 8,8 инчи и iDrive. За каросеријата може да се избира меѓу десет бои, вклучувајќи ја и „luminous gold“, ексклузивно за кинескиот пазар и верно на начелата на фенг шуи.

Серијата 1 во класичната каросериска форма ќе биде петти локално произведуван модел на BMW.

[FAG id=26369]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volkswagen-e-golf-300km

Електричниот Volkswagen Golf вози 300 километри со едно полнење

97-годишен Швеѓанец се подмладува со нов Ford Mustang GT