за ,

Легендарниот Borgward се враќа по половина век

Германската автоиндустрија ќе врати уште една легенда на асфалтот. Култната марка Borgward подготвува светска премиера на салонот во Женева, првпат по 1949 година.

Една од најиновативните марки во автомобилската историја ќе се врати во кругот на реномираните производители на автомобили по повеќе од половина век. Марката Borgward на салонот во Женева ќе ги најави своите планови за иднината.

Германската марка Borgward има испишано значајни поглавја во автомобилската историја меѓу 1919 и 1961 година. Како еден од најголемите и најуспешни германски производители на автомобили во тој период, Borgward создаде неколку култни автомобили, како и широка палета на доставни возила, камиони, автобуси, пожарникарски автомобили, чамци, електрични и спортски автомобили, па дури и хеликоптери. Иновацијата и храбрите потези беа заштитен знак на фирмата со седиште во германскиот град Бремен и на визионерот Карл Боргвард. Овој инженер го креираше и дизајнот на повеќето автомобили на марката со неговото име, но уште позначајно, создаваше револуционерни технички решенија. Borgward Hansa 1500 од 1949 година е прв германски автомобил со аеродинамична триделна каросерија, како предводник на модерниот автомобилски дизајн. Borgward Isabella TS од 1955 година е прв автомобил што спојуваше комфор на семејна лимузина и динамика на спортски автомобил. Третиот култен модел е P100 од 1959 година, како прв германски автомобил со автоматска регулација на амортизацијата.

Во трите децении се произведоа преку еден милион возила од марката Borgward. Внукот на основачот, Кристијан Боргвард, пред десетина години постави цел да ја врати марката на сцена. „Започнавме со планирање пред една деценија и подготвени сме за следниот чекор. Инспирирани од вредностите и иновативниот дух зад марката Borgward, со цврста волја за успех, ќе напишеме ново поглавје во историјата на нашето претпријатие“, изјавуваат од Borgward.

Марката ја избра Женева како соодветна локација за враќањето, откако во 1949 година Borgward го претстави моделот Hansa 1500 покрај езерото Леман, како прв автомобил развиен по војната.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хибриден и теренски Kia Soul за салонот во Чикаго

100.000 електрични автомобили продадени лани во Западна Европа