за

Ламборгинито на Род Стјуарт продадено за 909.000 фунти

Зошто купувањето автомобил од музичка ѕвезда е вредна инвестиција, се покажа на наддавањето во Лондон. Lamborghini Miura од 1971 година, во некогашна сопственост на рок легендата Сер Род Стјуарт, денес достигна вртоглава цена од близу еден милион фунти. Досегашниот сопственик сепак вложил сто илјади фунти во реставрацијата на Miura.

Lamborghini Miura од 1971 година, во прва сопственост на рок-легендата Сер Род Стјуарт се продаде за 909.000 британски фунти на наддавањето во Александра Палас во Лондон. Секако дека Miura се најде во центарот на вниманието и стана најскап автомобил на аукцијата. Моделот P400S претходно претрпел реставрација и преоѓање на спецификација SV во вредност од сто илјади фунти.

На наддавањето се најде и Maserati Ghibli 4.9 SS од 1972 година, во некогашна сопственост на никој друг туку тапанарот на U2, Адам Клејтон. Спортскиот автомобил го смени сопственикот за 303.000 британски фунти – што е највисока сума досега постигната за Ghibli. Станува збор за еден од осумте произведени примероци со волан од десната страна.

Range Rover од насловните страници од 1970-те на наддавањето

Мноштво автомобили со историска вредност се појавија на аукцијата. Range Rover од 1970 година, како 26-ти произведен примерок од моделот, достигна цена од 93.000 фунти. Се верува дека станува збор за првиот примерок што Land Rover го има регистрирано како Range Rover на 27-ми мај 1970 и еден e од првите во серијата од 20 возила што биле обезбедени за тестирање од медиумите. На еден начин и тој е ѕвезда, имајќи ги предвид сите насловни страници на коишто се има појавено.

Уште едно важно историско парче беше Dino 246 GT E Series од 1974 година, со волан оддесно и со каросерија изработена од Scaglietti и дизајнирана од Pininfarina. Неговата вредност: 374.000 фунти. За Британците беше вреден и Ferrari 512 BB од 1977 година, експонат од салонот во Лондон во истата година, за когошто новиот сопственик плати 225.000 фунти.

Наддавачката куќа Coys го најавува и следниот настан на 5-ти декември во Линдли Хол, на когошто се очекува уште историски автомобили да извлечат астрономски цени од новите сопственици.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Важно да е Porsche, па ако треба и … 111 кабриолет?

Зошто Американците ќе го обожуваат Atlas – според Volkswagen