за

Крис Амон за победата со Ford GT40 на Леман пред 40 години

Крис Амон во 1966 година победи на легендарната трка 24 часа Леман. Во интервјуто, возачот од Нов Зеланд се присетува на предизвикувачката трка во Ford GT40, на легендарното „вози како ѓавол“ од Брус Мекларен и денес гледа сосема релаксирано на пехот што го придружуваше во неговата кариера во формула 1.

Крис, кои беа твоите најголеми противници на трката во Леман во 1966 – Ferrari или останатите Ford GT40?

КРИС АМОН: Заедно со Брус Мекларен, тогаш го возев GT40 со стартен број 2. На двајцата ни беше јасно дека мораме да внимаваме најмногу на останатите фабрички автомобили Ford. Во претходната година, нашиот Ford GT40 беше многу побрз од Ferrari, сé додека не нé сопреа техничките проблеми. Во 1966 знаевме дека Ferrari се има подобрено, но се разбира дека и ние си ги завршивме домашните задачи. Нашиот автомобил тогаш имаше многу подобрена издржливост.

Раскажете ни за стартот на Леман во 1966

АМОН: Брус го возеше првиот „стинт“. Патеката беше мокра, затоа возевме со гуми за дожд од Firestone. При 350 km/h, гумите доаѓаат до границата на издржчивоста на правецот Мулсан. Откако го презедов автомобилот од Брус, тој зборувал со Firestone. Тие ни дозволија да се префрлиме на Goodyear, со коишто веќе возеа сите останати GT40. Брус ми кажа дека мора да притиснеме – и така постапив.

Тоа беше моментот кога Брус те испрати на патеката со прочуеното „Go like hell!

АМОН: Да, тоа е моментот. Но, има приказна зад тоа. Во претходната година обајцата ги возевме првите 7,0-литарски автомобили во Леман. Брус тогаш стартуваше со Кен Мајлс, а јас бев во тим со Фил Хил. Механичарите нé предупредија уште пред трката: Бидете крајно внимателни со новиот менувач, уште немаме искуство со него. На крајот, обата автомобила имаа оштетен менувач. Ford побара од тимот на McLaren да изработи лесна верзија на Ford GT40 за 1966. На крајот на 1965 година ги возев првите тестови во серијата Канам и на други трки во САД. Паралелно го возевме и нашиот стандарден автомобил во Себринг и Дајтона. Повторно имавме технички проблеми.

Поради тоа, немав особена доверба во автомобилот, кога со Брус стартувавме на 24 часа Дајтона. Доколку цело време возевме на самиот лимит, веројатно немаше да го видиме целното знаме. Му предложив на Брус да го поднамалиме темпото. Иако на почетокот на трката ќе заостанувавме зад водечката тројка, на крајот на денот веројатно ќе можевме да бидеме единствени останати во трка и да ја понесеме победата. Бевме петти.

По овој разочарувачки резултат, секако дека нашата стратегија за Леман изгледаше поинаку. Избравме темпо со коешто можевме постојано да бидеме во контакт со водечките возила. Планот беше да нападнеме на самиот крај на трката. По почетните проблеми со гумите, можевме да се откажеме од овој план. Изгубивме премногу време. Брус и јас имавме потпишано договори со Firestone. Тоа му причини голем напор по неговиот стинт да издејствува да се префрлиме на гуми од Goodyear. Кога влегов во боксот да ги заменам гумите, Брус беше под набој. Дојде до прозорецот и извика „Go like hell!“.

Што се случи пред пристигањето на целта?

АМОН: Сите водечки GT40 требаше заедно да ја минат целната линија. Но, се разбира дека трка за последната стотинка не може да се направи да изгледа како шоу. На крајот воопшто не знаевме кој победил.

Кој дел од трката ти беше најтежок?

АМОН: Нашите Ford GT40 возеа 160 km/h побрзо од некои други возила на патеката. Токму во ноќта, откако заврна и се подигна магла во воздухот, не гледавме ништо и моравме да бидеме крајно внимателни. Возењето во ноќта тогаш не беше едноставно, затоа што технологијата на осветлување уште не беше толку напредната. Имавме и друг проблем. Тркачките возила во тоа време пропуштаа многу масло. Како што напредуваше трката и почна да врне, стануваше уште полизгаво.

Дали воопшто можеше да спиеш за време на 24-те часа?

АМОН: Не, ниту малку. На секој час и половина влегувавме во бокс заради полнење гориво и не смеевме да возиме подолго од четири часови. Брус можеше да спие во секое време и секаде, но јас не. Во GT40 беше многу жешко. Во ноќта имиав интересен разговор со Хенри Форд Втори и со неговата сопруга Кристина, уште се сеќавам на тоа.

Како ја доживеа победничката прослава на подиумот?

АМОН: Тогаш имав 22 години и ситуацијата целосно ме совлада. Хенри Форд Втори стоеше до мене на подиумот. Не можам да се сетам, тоа едноставно беше исклучителен момент.

Што веруваш, која трка е потешка, Леман во 1966 или Леман во оваа година?

АМОН: Тоа е многу тешко да се каже. Ние возевме побрзо и не бевме толку добро заштитени како во денешните автомобили. На тркачката патека беше многу опасно. Нашите автомобили немаа ниту сервоуправување, ниту команди за менувачот на воланот. Тоа беше сосема поинаков предизвик за телото. Од многубројните менувања на степените добивавме големи плускавци на дланките. Со сопирачките исто така моравме да се однесуваме сосема поинаку. На завршетокот на правецот Унодиер, тие беа студени. Кога ќе почневме да сопираме од 350 km/h, брзо се ослободуваше голема жештина. Поради овие нагли температурни промени постоеше опасност од кршење на дисковите. Тркањето во моето време беше многу поопасно. Денес возачите се изложени на поголеми странични сили. Покрај тоа мораат да внимаваат на многу повеќе дотерувања на возилото и да носат технички решенија. Маратонските трки во секој случај се ултимативен тест за човекот и за машината. Во тоа ништо не се сменило во изминативе 50 години.

Дали победата на Леман беше врв во твојата кариера?

АМОН: Во тоа време се интересирав повеќе за мојата кариера во формула 1, но имав лоша среќа. Поради пех не победив на многу трки на коишто можев да победам. Но, факт е дека голем број од моите колеги во трките за големата награда го загубија животот. Затоа сум среќен што денес сум тука. Несомнено е дека победата со Ford на Леман е меѓу најважните моменти во мојата кариера.

Што би ти претставувала победата на Ford на Леман годинава?

АМОН: Неизмерно ќе се радувам за Ford и ќе ми претставува големо задоволство да се повтори оваа историја. На тимот му посакувам сé најдобро.

Крис Амон е роден на 20-ти јули 1943 во Булс, Нов Зеланд. Во 1960-те и 1970-те години тој стартуваше на 96 трки во формула 1. Иако важеше како еден од најдобрите возачи, тој не победи на ниту една трка. Денес, Крис живее на северниот остров во Нов Зеланд, во градот Таупо.

[FAG id=24702]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Како што им одговара на Американците: Tesla внатре, Volkswagen надвор

Honda Africa Twin ќе биде ѕвезда во новиот серијал на National Geographic