за

Британците избираа најдобар користен автомобил

користени автомобили британија

Пазарот на користени автомобили крие многу замки што може да го наведат купувачот на погрешен избор. Најголемите експертски имиња во Велика Британија ги оценуваат понудите на пазарот и ги избираат моделите што се најдобри за купувачите на користени автомобили.

Во голем стил, Британија доделуваше награди за моделите со најголема издржливост, најдобра противвредност и најголемо задржување на вредноста, како најдобар избор на пазарот на користени автомобили. Манифестацијата се одржува во организација на Car Dealer Magazine и на купувачите на користени автомобили им нуди голема помош при изборот на автомобил. Водител на свеченото доделување на наградите беше Мајк Бруер, познато тв-лице од емисијата „Дилери на автомобили“ на Discovery Channel.

Резултатите од изборот претставуваат голема помош за купувачите на користени автомобили

Победниците ги избира жири составено од докажани експерти во земјата. Возилата што се нудат на пазарот на користени се проценуваат анонимно, заради спречување местенки. При оценувањето се земаат предвид и обемните бази на податоци од надлежните институции и организации.

Апсолутен победник на годинешните избори е долгогодишниот познајник на пазарот, Nissan Qashqai, кој ја понесе титулата на Најдобар користен автомобил за 2017 година. Семејниот кросовер од британско производство победи и во категоријата на теренски возила.

Повеќе од 6 милиони користени автомобили во Велика Британија го смениле сопственикот годинава

Титулата за најдобар користен автомобил во класата на градските автомобили повторно ѝ припадна на Ford Fiesta, додека кај компактите сосема очекувано победи Dacia Sandero. Британските возачи веќе со години ја препознаваат и ја ценат противвредноста што ја нуди романската марка.

Победникот во бизнис-класата е далеку од изненадување. Mercedes C-Class се избори за титулата во густата конкуренција во оваа класа. Најдобар избор на спортски автомобил на пазарот на користени е Mazda MX-5. Родстерот кој се појави пред повеќе од две децении е вечен фаворит кај купувачите на користен автомобил во Британија.

Овие награди претставуваат голема помош за возачите кои го бараат својот следен автомобил, бидејќи нашите експерти ги обработија сите податоци за да дојдат до најдобрите понуди со коишто не можете да погрешите Мајк Бруер, водител на „Дилери на автомобили“

Годинава првпат се избираше и најдобар користен автомобил со електричен погон. Продажбата на електрични и хибридни автомобили бележи огромен раст во земјата, а во чекор следи и проширувањето на инфраструктурата. Првиот носител на титулата во оваа категорија е воедно и првиот автомобил со електрифицирана погонска спрега, Toyota Prius.

Kia победи со најдобра програма за користени автомобили

Награди се доделуваа и за иницијативите на производителите, коишто имаат за цел да го поедностават купувањето и поседувањето користен автомобил. Вебсајтот за користени автомобили на BMW доби награда заради транспарентното прикажување на понудите за финансирање и едноставното користење.

Меѓу програмите за користени автомобили од производителите победи Kia. Во оваа категорија се оценува колку производителите вложуваат во подобрување на искуството во купување и поседување користено возило. Покрај тоа што долгогодишната гаранција може уште да важи кога возилото ќе се појави на пазарот на користени, Kia плаќа и технички преглед во првата година, асистенција на пат со важност од 12 месеци и проверка на 88 позиции на возилото.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

киа моторс македонија штип

Киа Моторс Македонија отвори нов салон во Штип

брисел зони со ниска емисија

Брисел ги исклучува дизелите со Еуро 1 и Еуро 0