за

Концернот Volkswagen светски лидер по првото полугодие

Во првите шест месеци од годинава Volkswagen продаде повеќе возила од кој било друг производител на автомобили. Toyota исто така ја зголеми продажбата, но недоволно во споредба со германскиот гигант.

Според статистиките на Центарот за автомобилски менаџмент во Бергиш Гладбах, концернот Volkswagen во првото полугодие продаде повеќе возила отколку Toyota и General Motors, и покрај проблемите предизвикани од скандалот со издувните гасови. Угледниот центар пресметал дека Volkswagen продал 5,04 милиони возила, што е за 0,8 проценти повеќе отколку во истиот период лани.

Toyota е на второто место со 4,99 милиони возила. Јапонците го намалија заостатокот, благодарение на растот во продажбата од 1,0 процент. Трет е General Motors со 4,77 милиони возила. Од водечката тројка, единствено Американците имаат послаба продажба во споредба со ланското тромесечје, односно имаат продадено за 1,8 процент помалку возила отколку лани. Продажбата на Volkswagen се темели првенствено на растот на пазарите во Западна Европа и во Кина.

Корејците во минус, германското премиум трио во голем подем

Бизнисот не се одвиваше толку добро за корејскиот концерн Hyundai Kia, чијашто продажба се намалила за 2,4 проценти во споредба со првите шест месеци од минатата година, на помалку од четири милиони патнички автомобили. Наспроти тоа, германските премиум марки се во силен пробив. Daimler продаде за 10,3 проценти повеќе патнички автомобили, BMW за 5,8 проценти, Audi за 5,6 проценти.

Според Центарот за автомобилски менаџмент, до крајот на годинава ќе се продадат за два проценти повеќе возила на светскиот пазар отколку лани. Тоа значи дека до крајот на годинава светот ќе добие 78 милиони нови патнички автомобили. Продолжува позитивниот тренд во Кина и САД, како два најголеми пазари за автомобили во светот, исто како и во Западна Европа. На Стариот Континент во првото тромесечје се продадоа за шест проценти повеќе возила, но Центарот смета дека излегувањето на Британија од Унијата ќе има негативен ефект врз продажбата во второто полугодие. Проблематични пазари и натаму се Бразил (минус 23 проценти), Русија (минус 13 проценти) и Јапонија, каде што продажбата стагнира на минатогодишното ниво.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дисплеј ја забавува испораката на теренците на Porsche

Ова е новиот изглед на салонот на Bugatti во Лондон