за ,

Концепт Bifore: Иднината на автомобилите е во шумите

На штанд на Biofore во Женева е напишано со големи букви иднината на автомобилите расте во шумите. Нивниот концептен автомобил е во поголем дел од дрво и вози со гориво добиено од дрво.

Голем број изложувачи на салонот во Женева тврдат дека го имаат решението за иднината на мобилноста. Една фирма од Луксембург прикажа електрично возило кое што место класични батерии ја полни енергијата како сите други, со пиштол во грлото на резервоарот – во Nano Flowcell, струјата се полни во течна состојба, небаре е бензин. Ќе мине уште долго време додека светот дозволи ваква револуција. Секако дека постојат и изумители што место да сонуваат за иднината повеќе сакаат да се навратат во минатото, кога дрвото уште се користеше како конструкциски материјал. Токму тоа го прави Универзитетот Хелсинки, како единствен изложувач од Финска, со нивниот концептен автомобил Biоfore.

Многу работи во денешните автомобили кои што се изработуваат од пластика може да бидат направени и од дрво. Подвозјето, неколку носечки делови од каросеријата на Biоfore се изработени од метал или од карбон. Но, каросеријата, вратите, предниот браник, како и целата кабина на овој концептен автомобил се изработени од иновативни композити од целулоза и од композити од дрво што не содржат разредувачи.

Дрвената конструкција им овозможи на финските техничари да го олеснат возилото за 150 килограми во споредба со обичен автомобил со слична големина. Целта беше да се конструира автомобил во кого што обичните пластични делови добиени од суровини на база на нафта ќе бидат заменети со нови материјали. Композитите од целулоза и дрво се обработуваат полесно, целосно се рециклираат или се разградуваат во компост и го подобруваат СО2 билансот во производството на автомобилот.

Моторот во Biofore е 1,2-литарски дизел од Volkswagen, со мали преправки за работа на Bioverno. Оваа проѕирна течност од која што Финците донесоа едно шише за покажување пред јавноста е добиена од дрво и произведена во претпријатието UPM, скандинавски гигант во преработката на дрво. Новите шеици во иднина ќе треба да ги бараме подалеку на Северот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Наместо салонот во Женева: А што ѝ фали на Lada?

Lexus RC F: BMW M и Mercedes AMG одненадеж стануваат здодевни