за

Комби за експресна достава: Seat Leon ST Cupra

Leon ST со истата „борбена“ опрема како нетранспортните изведби: Со активно подвозје, симулација на блокада на диференцијал, прогресивно управување и до 280 КС

Leon му носи одлична продажба на Seat, но шпанската марка сака повеќе и ја проширува гамата со комби изведбата на спортскиот пулен Cupra. Експресна достава со 280 КС.

Третата генерација на семејството на Seat Leon продолжува да се зголемува и од март ќе биде дополнета со комби изведбата ST Cupra. Со тоа ќе се комплетира понудата на спортскиот пулен Cupra, покрај купето SC и класичната лимузина со пет врати. Шпанската марка веќе стартуваше и со нарачки за брзото комби.

Дволитарскиот мотор со турбонатполнење и директно впрскување ослободува 265, односно дури 280 КС во специјалната верзија Cupra 280. До предните тркала доаѓа вртежен момент од 350 њутнметри. Со опционалниот менувач со двојна спојка DSG, шпанскиот компакт забрзува за 6,0 секунди до сто, додека со мануелниот менувач е потребна само една десетинка повеќе. Електронската блокада става крај при 250 километри на час.

Во „послабата“ верзија со 265 КС, забрзувањето до сто трае 6,2 секунди со мануелен менувач, односно 6,1 секунда со DSG. Просечната потрошувачка во обете изведби на Leon ST Cupra изнесува 6,6 литри на сто километри со менувачот со двојна спојка, односно 6,7 литри во мануелната верзија.

Покрај богатата опрема од нивото FR, во брзото комби следуваат уште диодни светла напред и назад, спортски седишта обложени со алкантара, специјален спортски волан и мултимедиски систем со дисплеј од 16,5 сантиметри. На тоа следуваат уште амбиентално осветлување во кабината, спортски сопирачки со клешти лакирани во црвена боја и алу-бандажи од 18 инчи, односно 19 инчи во Cupra 280. Секако дека на купувачите на Leon ST Cupra им е важен и багажникот. Со соборена клупа, назад има на располагање максимално 1.470 литри, односно речиси еден и половина метар кубен.

Најлутиот конкурент на Seat Leon ST Cupra е комби изведбата на Ford Focus ST со 250 КС, а во мај доаѓа и Volkswagen Golf R Variant со 300 КС.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Само третина од германските автомобили се „Made in Germany“

Возачите на електричниот Leaf возат повеќе од „обичните“ возачи