за

Комбињата на Mercedes се придружуваат на рекордите во Штутгарт

Вестите за рекордните продажби на автомобилите на Mercedes станаа здодевни како временска прогноза за јули, но ниту доставните возила со трикраката ѕвезда не биле ништо „подобри“. До ноември, Mercedes продаде рекордни 324.000 примероци од Vito, V-Class, Sprinter & Co, или за 13 проценти повеќе отколку во истиот период лани.

Рекорди годинава поставуваат и доставните возила на Мercedes. За единаесет месеци, целата гама доставни модели, почнувајќи од најмалиот Citan до најголемиот Sprinter ја надмина ланската продажба, со 324.000 возила или за 13 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Успехот се должи првенствено на растечкиот пазарен интерес за моделите од средината на понудата, односно транспортерот Vito и луксузното патничко комбе V-Class, кои заедно со малечкиот Citan годинава бележат сопствени продажни рекорди. За следната година се очекува нов рекорд, откако пикапот X-Class ќе се приклучи во моделската гама на Mercedes-Benz Vans.

Доставните возила на Mercedes денес се нудат на повеќе од 90 пазари низ светот, а од минатата пролет и во Кина, кадешто V-Class и Vito се произведуваат локално во Fujian Benz Automotive. Во портфолиото влегуваат и туристичките верзии Marco Polo.

Продажба на моделите на Mercedes-Benz Vans до ноември

Модел Продадени примероци Промена во %
Vito 82.600 +26
V-Class 44.300 +64
Sprinter 174.800 +/- 0
Citan 22.200 +18

Sprinter лани го прославуваше 20-от роденден и ја имаше најуспешната година во историјата. Големото комбе моментно е достапно на повеќе од 130 пазари низ светот и се има продадено во над три милиони примероци, со што се вбројува меѓу најуспешните доставни возила на сите времиња. Sprinter се произведува во шест фабрики, меѓу другото и во САД, Кина и Русија.

Импресивни се бројките за возните паркови што вклучуваат модели од Mercedes-Benz Vans: 2.500 примероци од Sprinter како амбулантно возило во Баварија, 550 примероци од истиот модел за британскиот синџир супермаркети ASDA, 400 возила од повеќе модели за противпожарната служба на цела територија на Холандија. На тоа следуваат уште 360 амбулантни возила во Египет, 160 примероци од Vito за транспорт на туристи во Кина и 120 минибуси на база на Sprinter за руска компанија за превоз на патници.

Во октомври, Mercedes-Benz Vans го прикажа Concept X-Class, како најава за идниот пикап врз база на Nissan Navara. Серискиот модел ќе стартува со продажба во Европа кон крајот на следната година, за потоа да се појави и на пазарите во Аргентина, Бразил, Јужна Африка и Австралија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lamborghini Aventador S со второ иницијално полнење

Škoda Octavia RS добива 230 КС и „клуч“ за дизајнот со четирите очи