Шпанска фирма им нуди решение на купувачите на коишто Ferrari F12 им е премногу обичен. Само десет примероци ќе се изработат од Bengala F12 Caballeria, со каросерија што целосно е изработена од карбон и редизајнирана да личи повеќе на тркачките автомобили на Ferrari во шампионатот GT3. Шпанската коњаница само ги најавува идните уште поексклузивни модели.
Каросерија што комплетно е изработена од карбон и дизајн што е преработен за повеќе да личи на тркачките болиди на Ferrari во шампионатот GT3. Шпанската дизајнерска работилница Bengala Automotive им го нуди тоа на купувачите на коишто Ferrari F12 им е премногу обичен за со него да се појават во јавност. Автомобилот наречен F12 Caballeria или „коњаница“ е само прв во низата суперексклузивни модели што ќе следат во иднина. Од него ќе се изработат само 10 примероци до следното лето.
Caballeria е првиот модел од новата „привилегирана програма“ на дизајнерската и тјунерска работилница од Мадрид. Како што наведуваат од Bengala, десетмината среќни сопственици автоматски влегуваат во ексклузивниот клуб, придружувајќи им се на истомислениците што имаат иста страст за индивидуалност.
На шефот и основач Шоги Сејднија не му недостига слаткоречивост да ги продаде своите скапи автомобили: „Во повеќето случаи, уникатноста е состојба на умот; ние на клиентите им нудиме интерпретација на нивните желби, засновани врз нивните соништа. Едноставно, ние осмисливме и создадовме уникатно дизајнерско и инженерско парче, Bengala F12 Caballeria, и само десетмина посебни индивидуи го заслужија.“
Купувачите на Caballeria ќе имаат ексклузивно право да поседуваат и примерок од идните модели во ограничена серија, како и да присуствуваат на настани и приватни изложби, со можност први да ги погледнат новите креации на Bengala. Секој иден модел ќе се изработи во серија од по 5 до 10 примероци, со претставување по еден модел годишно.
Неколку факти за шпанската автомобилска индустрија:
- Шпанија е втор најголем европски производител на автомобили по Германија, со 2,7 милиони возила лани.
- Во 1904 година во Барселона е основана марката Hispano-Suiza, којашто произведува едни од најексклузивните и најскапи модели во тоа време
- Во Шпанија моментно произведуваат Daimler, Ford, General Motors, Iveco, Nissan, PSA Peugeot Citroen, Renault, Seat и Volkswagen
- Повеќе ексклузивни марки се активни со производство на ограничени серии, меѓу кои GTA Spano, Tramontana, Tauro Sport Auto, IFR Aspid
[FAG id=25774]