за

Клубот АДАК измери: Германските дизели петпати почисти од француските

Клубот АДАК тестира емисија азотни оксиди

Германските марки се на тапет заради зголемената емисија на азотни оксиди од дизел моторите. Политичарите бараат решение, продажбата на дизели опаѓа. Наспроти тоа, кај негерманските марки се чини дека сé е в ред. Но, дали? Клубот АДАК го има одговорот.

Почна како дизел афера во целиот концерн Volkswagen, за потоа да се прошири во обвиненија за картелско здружување меѓу најголемите германски производители на автомобили. Daimler, BMW и Volkswagen, заедно со Audi и Porsche, имено, се договарале околу цените пред добавувачите и сите користеле техника за лажирање на емисијата на азотни оксиди. Може да се стекне впечаток дека германските марки, од параден коњ се претворија во подла хиена на автомобилската бранша.

Дали навистина сé е чисто кај останатите национални автоиндустрии или таму само молчат додека некој ги открие? Системите за пречистување на издувните гасови кај повеќето производители на возила со дизел мотор не ги минаа тестирањата во реални услови на возење. Тоа е заклучокот од последното тестирање на емисијата на азотни оксиди (NOx) на возила со дизел мотор според норма Euro 6 на клубот АДАК. Во услови што се блиски до секојдневното возење, АДАК во изминативе четири години ја тестираше емисијата на штетни материи кај 188 возила. Клубот дојде до заклучок дека кај германските автомобили се дури неколкупати почисти од моделите на конкурентските национални автоиндустрии.

Клубот АДАК измери дури 230-кратна разлика меѓу одредени модели

Просечната емисија на азотните оксиди кај тестираните возила од концернот Renault, на пример, петпати е повисока одошто кај моделите на BMW. Конретно, просекот најмногу го расипува Renault Grand Scénic 160 dCi кој во градско возење испушта исто толку азотни оксиди колку 230 возила BMW 520d. Емисијата на NOx на компактниот ван изнесува 1.674 милиграми на километар.

Просечна емисија на азотни оксиди за секој производител одделно

adac nitric oxide emission 1

Според Томас Буркхарт, потпретседател за техника во клубот, „ЕкоТестот на АДАК покажува дека речиси сите производители имаат големи проблеми со емисиите на своите дизел возила“. Буркхарт ги критикува негерманските производители зашто не се обврзаа на какви било преправки на своите возила по одржувањето на дизел самитот во почетокот на август. Политичарите се заканија дека ќе воведат забрана за дизел возилата, доколку производителите не извршат преправки за намалување на штетните емисии. Но, негерманските производители уште не преземаат такви чекори.

Peugeot, Citroen, Hyundai и Fiat имаат највисока емисија на штетни материи

АДАК ги објави просечните емисии на азотни оксиди за секој автомобилски концерн посебно, за модели со дизел мотор според нормата Euro 6. Притоа, германските производители имаат најниско ниво на азотни оксиди. Најчисти според Еко-тестот се возилата од групацијата BMW (вклучувајќи го Mini), по што следат моделите од концернот Volkswagen (VW, Audi, Skoda, Seat), Mercedes и Opel.

Највисоко ниво на штетните азотни оксиди е измерено кај возилата со дизел мотор од италијанско-американскиот Fiat Chrysler (заедно со Alfa Romeo, Jeep итн.), од групацијата Hyundai (Hyundai, Kia), шведскиот Volvo и концернот PSA (Peugeot, Citroen). Овие производители сепак не се обврзаа да ги извршат потребните преправки на своите возила по дизел-самитот во август, за разлика од германските производители.

Toyota отсуствува од „конкуренција“, тие одамна продаваат хибриди место дизели

Моделите во тестирањето се групирани според концернот на когошто му припаѓаат, не земајќи ги во предвид соработките и заедничките платформи. Mercedes, на пример, ќе имаше подобри резултати доколку во некои од своите модели не користеше мотори од Renault. Најслабиот резултат на Mercedes на Еко-тестот е забележан кај модел во когошто се вградува 1,6-литарски дизел од францускиот партнер. Овој мотор има речиси 15 пати повисока емисија на NOx одошто новите дизел мотори на Mercedes.

Најеколошките автомобили според АДАК: Првото место за BMW i3

Toyota отсуствува во тестирањето, затоа што концернот има продадено релативно малку дизел возила на германскиот пазар. Поради тоа, бројот на тестирани модели од АДАК во изминатите четири години е пренизок за да се изведе важечки просек. Истото важи за Nissan и Subaru.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mann hummel нечистотијата во воздухот

Овој автомобил буквално ја јаде нечистотијата во воздухот

tesla model x vs lambo aventador

Tesla Model X против Lamborghini Aventador: Едниот е нов рекордер