за

Кинескиот Qoros се најавува како технолошки предводник

Марката Qoros уште гледа иднина во конвенционалниот погон и на салонот во Пекинг прикажува студија со технологија што им дава нова шанса на бензинските мотори. Зад технологијата стои мошне познато име.

Кинеската марка што направи големо име на европскиот пазар, но никогаш не успеа да го реализира тоа во тукашната продажба, сега се најавува како технолошки предводник. Qoros смета дека уште нема потреба од електричен погон и на салонот во Пекинг прикажува прототип со револуционерна технологија наречена Qamfree. Партнер во развојот на технологијата е шведскиот добавувач Freevalve. Зад ова релативно непознато име не стои никој друг освен Кристијан фон Кенигсег, човекот кој со својата суперспортска марка Koenigsegg им задава главоболки и на најреномираните спортски марки.

Технологијата Qamfree го следи истиот принцип како моторите Multiair на Fiat
Технологијата Qamfree го следи истиот принцип како моторите Multiair на Fiat, со замена на брегастите вратила со електрохидраулични активатори

Како што укажува и името, технологијата Qamfree (или camshaft-free) се состои во тоа што класичниот механички погон на вентилите се заменува со електрохидрауличен систем, кој посебно го контролира секој вентил. Со тоа отпаѓа потребата од придушувачки вентил и од синџир или ремен за погон на брегастите вратила, а како што ветуваат од Qoros, системот функционира пристојно и со обичен систем за впрскување на горивото, така што нема потреба ниту од директно впрскување. На овој начин, кинеско-шведското партнерство се спротивставува на актуелниот тренд на електрификација на погонската спрега и останува на конвенционалниот погон.

Моќност зголемена за половина, потрошувачката пониска за 15 проценти

Како резултат, 1,6-литарскиот бензинец со турбонатполнење добива за 47 проценти поголем вртежен момент, односно на располагање му стојат 330 њутнметри, додека моќноста расте за 45 проценти, на 231 КС. Во исто време, потрошувачката се намалува за 15 проценти, а емисијата на штетни гасови за 30 проценти, поради подобрата контрола на согорувањето додека моторот уште ја нема постигнато работната температура. Покрај тоа, моторот има и покомпактни димензии и за 50 милиметри е понизок во споредба со мотор со класичен погон на вентилите. Во основа, тоа се истите предности што ги поседува и технологијата Multiair на Fiat, а револуцијата во тој поглед досега изостана.

Qoros работи и на електричниот погон. Два концепта се прикажани во Пекинг: Qoros 3 Q-Lectric (напред) и Qoros 5 Q-Lectric
Qoros работи и на електричниот погон. Два концепта се прикажани во Пекинг: Qoros 3 Q-Lectric (напред) и Qoros 5 Q-Lectric

Според Клаус Шмит, шеф на развојот на мотори во Qoros и човек со 25-годишно искуство во BMW M GmbH, неговата актуелна марка „ексклузивно се занимава со темата и може уште веднаш да стартува со производство.“ До серискиот старт на Qamfree сепак ќе минат уште две години.

За оваа технологија на блиската иднина да се прикаже поубедиво, главниот дизајнер Герт Хилдебранд го искористи како основа Qoros 3 SUV и му додаде неколку стилски елементи, вклучувајќи маркантни бои на каросеријата, бандажи од 20 инчи и хауба со прозорец врамен во карбон, за подобар поглед во техниката оздола. Со намалената висина на моторот се спушта и тежиштето на возилото, а нема потреба ниту од активна хауба којашто ги штити пешаците од повреди. За идните нови модели ќе се овозможи и изведување на понизок „нос“ за поспортска линија и подобрена аеродинамичност.

Qoros 5 Q-Lectric
Qoros 5 Q-Lectric

Електричниот погон сепак е неизбежен и за кинеската марка. На салонот во Пекинг се прикажани две студии, кросоверот Qoros 3 Q-Lectric и Qoros 5 Q-Lectric. Познати се и перформансите за помалиот модел: Забрзување до сто km/h за 7,9 секунди и крајна брзина од 162 km/h, со повеќе од простоен досег од 350 километри. Првиот електричен автомобил на Qoros ќе стартува со продажба кон крајот на годинава.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во овие држави во светот се продаваат помалку автомобили отколку во Македонија

Платинесто издание на Porsche Cayenne