за

Кинескиот Qoros на тест на auto motor und sport

Новодојденец од Кина планира да го освојува европскиот пазар. Германскиот магазин прв ги објавува впечатоците од кусиот тест на Qoros 3. Има ли навистина шанси кинескиот конкурент на Golf?

Тоа што го знаеме за марката Qoros е дека таа е основана од финансиски конзорциум од Израел и од кинескиот производител Chery. Марката го прикажа првиот модел лани во Женева и истиот треба да стартува со продажба во Европа во 2015 година. Qoros 3 стана славен уште пред да се развози: Во минатата година, кинеската лимузина освои најголем број бодови на краш тестот на Euro NCAP од сите тестирани автомобили. Претходно тоа не беше силна страна на Кинезите.

Како основа на возилото се користи модуларна платформа со мекферсон напред и торзиска оска назад, којашто во иднина ќе се користи за целиот спектар на модели на Qoros, почнувајќи од малечки автомобили до модели од вишата средна класа. Лимузината со ознака Qoros 3 Sedan почна да се произведува за локалниот пазар во есента, а од неодамна моделот стартуваше со продажба во Словачка, како тест-земја за марката во Европа. Вклучувајќи ја комбилимузината со пет врати, во фабриката на Qoros годишно ќе се произведуваат 150.000 возила.

Магазинот auto motor und sport веќе ги има реалните впечатоци од кинеската лимузина со потенцијално голема иднина. Материјалите и изработката во ентериерот, германскиот магазин ги оценува како квалитетни и го споредува нивото со Skoda Octavia. Со чешкиот суперстар се слични и димензиите во кабината. „Патниците назад имаат доволно простор за нозете, но багажникот е значително помал отколку кај ривалот (450/900 наспроти 590/1580 литри).“

Како компензација за овој недостаток „дури и најевтините верзии се опремени со екран на допир од 20 сантиметри, чиешто ракување личи на iPhone. „Системот сепак пресметува по малку бавно и со ситните икони го отежнува интуитивното посегнување“, оценува auto motor und sport.

Тестираниот Qoros 3 е во топ верзијата со шестстепен менувач со двојна спојка од германскиот Getrag и со 1,6-литарски турбобензинец со 156 КС и автоматски старт стоп. „Кусо по палењето се чувствуваат лесни вибрации, но најголемата слабост се покажува во густ градски сообраќај со многу семафори, кога целото возило скока напред назад. Четирицилиндарецот е прилично груб при побрзо возење со високи вртежи“.

Амортизацијата ги покажува слабостите на лош пат. Затоа, пак, стегнатото подвозје влева доверба на кривулести патишта. Електромеханичкото управување е по малку безчувствително, но е доволно прецизно, додека сопирачките не покажуваат прегревање ниту по повеќекратно запирање. Возилото се контролира добро дури и при груби маневри.

Магазинот цени дека обработката, комфорот и возните својства се многу над очекувањата и Qoros 3 Sedan има шанси да опстои на европскиот пазар. Топ моделот на словечкиот пазар е достапен за нешто помалку од 21.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Наддавање за Volvo од 1987 година со 200 поминати километри

Кој навистина ги произведува денешните автомобили?