за , ,

Кина прва во светот: Ова се најголемите производители на електрични автомобили

Tesla и Nissan владеат со светскиот пазар на автомобили со погон на струја? Можеби некогаш. Еден кинески производител го презеде водството во овој сегмент кој конечно го добива посакуваниот пазарен замав.

Кинескиот производител BYD во минатата година произвел најмногу електрични или плагин-хибридни возила во светот. Со 61.726 примероци, Кинезите солидно го престигнале калифонискиот специјалист Tesla Motors, чијашто ланска продукција достигнала 51.598 возила, но и јапонскиот Mitsubishi, со 48.203 возила. Во меѓувреме и Volkswagen е сé поприсутен во сегментот на електрични и плагин-хибридни возила, но заостанува зад водечката тројка, со 46.845 продадени возила лани. Nissan ја заокружува петорката со 43.114 возила.

Силната позиција на BYD, инаку кусо од Build Your Dreams или „изгради ги своите соништа“, произлегува првенствено од продажбата на моделот Qin. Лани оваа лимузина со големина на Mercedes C-Class и плагин-хибриден погон се продала во 32.000 примероци, првенствено на кинескиот пазар. Втор најважен модел во електро-сегментот е спортскиот теренец Tang, со 18.000 продадени примероци лани.

Најпродаван електро-модел во светот во минатата година е Tesla Model S со 50.366 примероци, пред електричниот компакт Nissan Leaf со 43.870 примероци и спортскиот теренец со плагин-хибриден погон Mitsubishi Outlander PHEV, со 43.259 продадени примероци лани. Volkswagen лани продал 17.282 примероци од моделот со плагин-хибриден погон Golf GTE.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault Clio со нов изглед пристига во септември

Како Американците профитираа од нападот врз дизелите на Volkswagen