за ,

Катастрофални резултати од краш-тестовите на автомобилите за Азија и Јужна Америка

Безбедноста ужива највисок приоритет кај автомобилите во Европа и САД. Сосема е поинаку во Азија и Јужна Америка. Производителите го искористуваат тоа и продаваат модели со застрашувачки слаба каросерија.

Додека поминувањето со пет ѕвездички на краш-тестовите повеќе е правило отколку исклучок кај автомобилите што се продаваат на европскиот или северноамериканскиот пазар, безбедноста на евтините модели што се наменети за големите пазари е на катастрофално ниско ниво. Последниот случај со евтиниот Datsun Go, кој на краш-тестот во Индија не успеа да освои ниту една ѕвездичка, предизвика толку бурна реакција кај експертите задолжени за ова подрачје, што организацијата GlobalNCAP побара забрана за продажба на овој автомобил.

Организацијата Global NCAP побара забрана за продажба на евтиниот Datsun Go, по слабите резултати на краш-тестот во Индија
Организацијата Global NCAP побара забрана за продажба на евтиниот Datsun Go, по слабите резултати на краш-тестот во Индија

Ниту во Јужна Америка не е подобра ситуацијата со безбедноста. На краш-тестот на регионалниот огранок LatinNCAP, моделот Chevrolet Sail исто така не освои ниту една ѕвездичка. Кај овој автомобил станува збор за модифицирана изведба на Opel Corsa B. Претходно, загрижувачки резултати покажа и краш-тестот на Chevrolet Aveo, со нула ѕвездички.

Американскиот General Motors го искористува непостоењето на построги безбедносни стандарди за автомобилите за Јужна Америка и на пазарот нуди модели што не може да се продаваат во Европа или на северноамериканскиот континент. Кај Chevrolet Sail не само што недостигаат какви било воздушни перници, АВЅ или контрола на стабилноста, туку и цврстината на каросеријата е неверојатно слаба. Во случај на судир, возачот би се здобил со тешки повреди, а ниту совозачот не би минал подобро.

Производителите штедат на безбедноста во освојувањето на пазарите во раст

Проблемот со слабата безбедност на евтините автомобили што големите производители ги нудат за пазарите во Јужна Америка или Индија е познат веќе одамна. Во почетокот на 2014 година, на краш-тестот на Ford Figo, Hyundai i10, Suzuki Alto и Volkswagen Polo во Индија, ниту еден модел не успеа да освои барем една ѕвездичка за безбедност. Но, за разлика од резултатите на Datsun Go, барем каросеријата на овие автомобили покажуваше одредена цврстина. Истите овие модели наменети за западните пазари, обично постигнуваат добри резултати на краш-тестовите на регионалните ограноци на NCAP.

Chevrolet Sail не мина нишпо подобро, со резултати што повторно ги алармираа експертите за безбедност на автомобилите
Chevrolet Sail не мина нишпо подобро, со резултати што повторно ги алармираа експертите за безбедност на автомобилите

Проблемот секогаш се јавува кај локалните изведби на познати модели од европски, американски и азиски производители. Автомобилската индустрија очекува Индија и Јужна Америка во блиска иднина да прераснат во значајни пазари на глобално ниво. Со таа цел се води остра конкурентска битка, најчесто со ниски цени. Се штеди на безбедноста, или поточно, воопшто не се инвестира во истата. Најевтините модели не поседуваат ниту воздушни перници, ниту АВЅ, ниту предзатегнувачи за безбедносните ремени. Примерот со Volkswagen Polo покажува колку значат и само две воздушни перници. По краш-тестот со нула ѕвездички во Индија, Volkswagen започна да вградува воздушни перници во сите моделски изведби на Polo за овој пазар, па соодветно на тоа и резултатот од дополнителниот краш-тест се смени на две ѕвездички.

Полош е случајот кога се штеди во основата на каросериската структура. Конструкцијата на оригиналните модели се „поткусува“ за продажба на пазарите во развој, се пропуштаат значајни елементи за зајакнување на каросеријата и се користат поевтини материјали. На крајот, монтажата во локалните фабрики се одвива по најслаби стандарди.

Организацијата GlobalNCAP смета дека купувачите во Индија или Бразил воопшто не се свесни за безбедноста на автомобилите и првенствено се интересираат да набават каков таков автомобил,  по колку е можно пониска цена. Ниту домашните производители не се подобри во тој поглед, како што покажа примерот со индискиот Tata Nano. Безбедноста не смее да се превидува во услови на зголемување на бројот на возила по патиштата, а со тоа и на опасноста од судир.

Случај за толкувањето на безбедноста кај дел од нашите возачи

Околу свесноста за безбедноста на автомобилите постојат огромни пропусти и на нашиот пазар. Случај од пред неколку години, во сервисна работилница на позната и мошне застапена марка автомобили на македонскиот пазар: Сопственикот на возилото е вознемирен од тоа што воздушните перници се активирале кога неговиот син доживеал сообраќајна незгода, сметајќи дека тие не требало да се активираат при „лесниот“ судир.

Главната причина за вознемиреноста сепак е фактот што во поправката на автомобилот влегува и замена на активираните воздушни перници, а тоа повлекува и дополнителни трошоци. Фактот што неговиот син останал жив или неповреден можеби токму поради активирањето на воздушните перници, тој не умее да го цени. Од друга страна, уште се присутни коментарите на „гледачите на сеир“ при судирите, кои зачудено гледаат колку каросеријата на поновиот автомобил е деформирана посилно во споредба со автомобилот произведен пред две или три децении. „Зоната на гмечење“ е пресудна за безбедноста на автомобилите и услов за системите за активна безбедност правилно да ја извршат својата функција. Тоа сепак останува несфатливо за кафеанските експерти за автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електрични автобуси без возач во швајцарскиот Сион

Ford GT се купува само со кандидатура – и со 500.000 евра