за , , , ,

Како надлежните ќе го „оправдаат“ беспрекорно чистиот воздух утринава?

Многу теории се изнаслушавме во последно време околу изворите на кобните концентрации на штетни материи во воздухот, иако свеста на граѓаните веќе подолго време посочува кон вистинскиот причинител. Во услови кога сообраќајот е стивнат драстично поради снегот на улиците, утринава на Богојавление ни носи воздух што не може да се окарактеризира поинаку освен како благословен.

Извешај на Министерството за животна средина за часовните концентрации на неразградливи честички за 10 часот: Центар 23,92 микрограми честички PM10 на метар кубен, Гази Баба 23,53, Карпош 25,96, Ректорат 48,74, во скопскиот регион единствено Миладиновци (52,20) и Лисиче (99,04) се над дозволената концентрација од 50 микрограми PM10/m3. За споредба, во истиот временски период од денот, во вторникот на 17-ти јануари, Центар имал загаденост со канцерогените честички од 230,24 микрограми PM10/m3, Гази Баба 229,63, Карпош 224,66, Лисиче 272,96, Ректорат 297,67 микрограми PM10/m3. Ситуацијата се повторува и низ државата.

Домашните печки се главниот извор на штетните материи во воздухот?

Што се случува, каква е таа сила што ни го пречистила воздухот преку ноќ? Долго време се пласираат теории дека отровната загаденост на воздухот во македонските градови произлегува од домашните огништа, кадешто се согорува буквално сé што ќе се најде при рака. Дури и странски служби беа ангажирани да ги потврдат овие теории. За жал, само теории. Јавноста никогаш не ги дозна податоците коишто доведоа до заклучокот дека примитивното греење на домовите е извор на катаклизмичната загаденост на воздухот.

Утринава огништата грејат, а воздухот сепак е благословен. Логично е да се постави прашањето, кој фактор денес отсуствува во создавањето на штетните материи? Можеби снежната покривка го пречистила воздухот. Снегот дефинитивно придонесе за беспрекорно чистиот воздух утринава, но само поради тоа што интензитетот на сообраќајот е намален драстично.

https://automedia.mk/objavi/21400

Повеќе нема потреба од теории или истражувања, доказот е тука и ништо не може да го поништи. Возилата отсуствуваат од улиците, воздухот е чист. Кристално јасно. Склоп на околности доведе до тоа на Богојавление да ни биде предочено потеклото на загаденоста на воздухот.

Двапати повеќе дизели и за три четвртини зголемена потрошувачка на гориво

Радикално видоизменетиот возен парк го труе нашето живеење. Три четвртини од возниот парк се автомобили постари од десет години, со удел на нови автомобили намален за 5,5 пати во споредба со 2008 година, кога близу 10% од автомобилите не биле постари од две години, додека нивниот удел моментно изнесува околу еден процент. Во услови кога старите автомобили со дизел мотор не поседуваат филтер за пречистување на честичките гареж, потрошувачката на дизел во државата во последните пет години е зголемена за повеќе од 75 проценти, додека бројот на возила со дизел мотор е зголемен повеќе од двојно.

https://automedia.mk/objavi/11207

Доколку надлежните умееја да го предвидат влијанието на увозот на стари автомобили врз животната средина, немаше да се дозволи на нашите патишта да се појави маса од тешки крстосувачи и теренци стари дваесет години, со дизел мотор и без филтер за гареж, туку увозот ќе беше дозволен само за возила стари неколку години, со повисоки и поактуелни норми на издувни гасови.

Помали и понови автомобили, место најстари и најголеми луксузни лимузини

Свеста на граѓаните е затруена со убедувањето дека осиромашеноста не ни дозволува да возиме понови и чисти автомобили. Но, зарем минимим интелигенција не може да заклучи дека тоа што по улиците сообраќа како евтини автомобили, се „мерцедеси, беемвиња и алфа ромеа“, колку е можно постари и поголеми, место нормални „народски“ марки, коишто драстично понови и почисти чинат исто колку премиум марките?

Можно е деновиве да слушнеме и нови теории. Последниот бисер ќе остане запаметен: Концентрацијата на штетни материи во воздухот се зголемува нагло во периодот од денот меѓу 16 и 17 часот, затоа што граѓаните тогаш пристигаат во своите домови и ги вклучуваат печките на дрва. Како пристигаат до своите домови, не е земено предвид.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Crossland X доаѓа на местото на Opel Mokka

Кина ќе го произведува првиот електричен автомобил на Volkswagen