за ,

Како да го подготвите автомобилот за зима

Секој возач знае дека треба да ја пречека зимата со подготвен автомобил. Подготовката е едноставна, но секогаш останува нешто заборавено. Со овој преглед ве потсетуваме на десетте основни работи.

Зимата се приближува со брзи чекори. Кога земјата ќе побеле и температурите ќе паднат под точката на мрзнење, станува критично за возачите. Тогаш патиштата се претвораат во опасни лизгалишта. За безбедно да се извози зимата потребно е автомобилот навреме да се подготви за мразовите. Ова се десетте најважни совети за безбедно возење со автомобилот во студениот период од годината.

Зимски гуми: Во Македонија постои обврска за користење зимски гуми во периодот од 15-ти ноември до 15-ти март, со минимална длабочина од 4 милиметри, а алтернативно летни гуми со синџири за снег. Зимските гуми ги покажуваат предностите наспроти летните веќе при температури под +7 степени Целзиусови, поради тоа што смешата на гумата ја задржува еластичноста и при пониски температури и како резултат од тоа не доаѓа, на пример, до продолжување на патот на сопирање. Според тоа, воопшто не е потребно на патот да има снег или мраз за зимските гуми да бидат во предност пред летните.

Уред за миење на стаклата: Задолжително е во уредот за миење на стаклата да се наполни средство што не замрзнува до одредена температура. Тоа го спречува замрзнувањето на прскалките, како и замрзнувањето на водата за миење врз стаклата. Покрај тоа, смешата подобро ги отстранува нечистотиите од стаклата при пониски температури. Користењето алтернатива, како алкохол или слични средства, не се препорачува поради тоа што го оштетуваат лакот на возилото, односно ги нагризуваат заптивките на стаклата.

Течност за ладење на моторот: Средството за ладење на моторот исто така треба да поседува заштита од мрзнење, препорачливо до -30 степени Целзиусови. Во сервисните работилници може да се провери до која температура моментно штити средството за ладење на моторот.

Акумулатор: Кај акумулатори што се постари од пет години е зголемена опасноста од откажување при првото утро со температура под нулата. Затоа се препорачува акумулаторот да се провери навреме и при намалена моќност да се замени со нов.

Светлосна сигнализација: Проверете ги светилките на трепкачите, сопирачките и задните светла за позиција, како и собореното, долгото и предното светло за позиција. При откажување на светилка од една страна на возилото, најдобро е веднаш да ги замените обете светилки, затоа што веројатно дека набрзо ќе откаже и другата светилка.

Метлички на бришачите: Чистите стакла се еден од основните предуслови за безбедно возење. Проверете ги метличките на бришачите и заменете ги доколку на нив забележите ситни пукнатини или доколку истите оставаат траги при бришењето на стаклото. Гумата на метличките скрутува при студ, со што се влошува ефикасноста на бришењето, а со тоа и видливоста.

Внатрешноста на стаклата: Не заборавајте темелно да ги исчистите стаклата однатре, најдобро со средство за чистење што не содржи силикон. Извалканите стакла ја зголемуваат опасноста од заслепување од светлата од возилата отспротива, но и полесно се замаглуваат при влажен воздух во кабината.

Оштетувања на лакот: Гребаниците и вдлабнувањата треба да се поправат пред зимата. Солта на патиштата предизвикува забрзано создавање на корозија. Денес постојат иновативни и ефикасни методи на локална поправка, коишто се брзи и релативно евтини.

Церада: Церадата што ги покрива стаклата нуди флексибилна заштита, со којашто возилото во само неколку потези е заштитено од влага, снег и мраз. „Капата“ за автомобилот е добра замена за гаража или покриено паркиралиште. Тие се изработуваат од најлон и полиестер, отпорни се на кинење и отпорни на темератури до -30 степени Целзиусови.

Зимски пакет за итна помош: Во „малиот прирачен багаж“ при снег и мраз спаѓаат гребач за мраз од стаклата, метла за снег и средство за одмрзнување на бравите на вратите. Корисни се и спрејовите што ги одмрзнуваат стаклата за неколку секунди, како и средствата против внатрешно замаглување на стаклата. Кој сака да биде подготвен за сите сценарија, може да понесе и дебело ќебе, за загревање на телото доколку има застој на патот, исто како и преклоплива лопатка, за откопување на тркала заглавени во снег.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW ќе полни струја од бандера

Brough Superior ASG во трка за најскап мотоцикл во светот