за ,

Како Американците профитираа од нападот врз дизелите на Volkswagen

Откако дизелите на Volkswagen беа избркани сосила од американскиот пазар, продажбата на пикапи со дизел мотор е во постојан подем. Тоа е случајност или само уште една подла стратегија против странските производители?

Американците и дизелот не се поднесуваат многу. Додека првата голема нафтена криза од 1970-те години поттикна освојувачки поход на дизел моторот во Европа, од другата страна на океанот не реагираа особено заинтересирано на штедливото погонско решение. Десет години подоцна, на Mercedes му успеа да предизвика вистински продажен бум со дизелот на американскиот пазар, но и тој не потраја подолго. Новите и построги еколошки закони му ставија рампа на дизелот.

Потребно беше да поминат повеќе децении додека европските производители, предводени од Mercedes и Volkswagen, повторно пуштат нога на американскиот пазар со своите „пречистени“ дизели. Исходот е познат. Гигантот од Волфсбург се покажа виновен за триковите што инаку ги практикува целата бранша и меѓу другото ѝ се познати на политиката со години наназад. Бидна најголемиот скандал во историјата на Volkswagen, кој веројатно ќе се разреши како најголемата (и најскапа) „глупост“ на целата бранша.

Volkswagen е надвор од трка, но на американските дизели им успева одлично

Пред избивањето на скандалот, бизнисот со дизел моторите преку големата бара им одеше сосема пристојно на европските производители. Доколку скандалот не ги уништеше продажбите на моделите со дизел мотор на Volkswagen и не фрлеше сомнежи и врз останатите европски производители, оваа година ќе беше рекордна за продажбата на дизелот на американскиот пазар.

https://www.youtube.com/watch?v=y5ylkum05YM

Според штотуку објавените официјални статистики за продажбата за минатата година, во повеќе сојузни држави пораснал интересот за автомобили со дизел мотор, и тоа со двоцифрена стапка на пораст. Најголем раст во продажбата е забележан во Калифорнија, државата од којашто обично започнуваат автомобилските трендови и се прифаќаат во останатите сојузни држави. Сончевата држава, меѓу другото, предводи во продажбата на хибридни возила.

Двоцифрен пораст во продажбата на пикапи со дизел мотор

Статистиката понатаму открива дека најголем раст на интересот за дизелот има во сегментот на пикапите и доставните возила. Тоа е токму сегментот во којшто се позиционирани и на когошто целосно му се посветени американските производители на автомобили. Само за пример, ова е само дел од моделската понуда со дизел мотори: Chevrolet Colorado и Silverado, Ford F-250, F-350 и F-450, Ford Transit, GMC Canyon и Sierra, Jeep Grand Cherokee, RAM 1500, 2500 и 3500, RAM Promaster.

Сите овие производители не пропуштаат да ги испофалат предностите на дизел моторот во своите маркетиншки настапи. Се спомнуваат пониска потрошувачка, голема моќност и сила на повлекување. Последново е тоа што најмногу им значи на тамошните возачи и поттикнува интерес сé повеќе пикапи да се испорачуваат со дизел мотор. Штедливоста на дизелот не е толку во прв план, горивата таму се евтини.

„Кукавичкиот данок“ ги штити американските пикапи од странска конкуренција

Зошто тогаш странските производители не профитираат од продажниот бум на дизел-пикапите? Објаснувањето е многу едноставно. На тамошниот пазар постои нешто што се нарекува „кукавички данок“ или „chicken-tax“. За земјоделски машини, кадешто спаѓаат и пикапите, постои царинска такса во висина од 25 проценти од вредноста за сите увозни производи од оваа категорија. За царината да се избегне, производителите мораат да ги произведуваат своите пикапи во земјата. Таков е случајот со Toyota, Honda и Nissan.

Домашните производители на автомобили се најдоа во паника откако на дневен ред се најде предлог за потпишување на спогодба за слободна трговија со САД. Во тој случај би отпаднал „кукавичкиот данок“ и би заживеала конкурентската битка на пазарот на пикапи. Но, Volkswagen и останатите европски производители повторно нема да имаат шанса, барем не со своите дизел мотори. Оние што работат во Chevrolet & Co. се „почисти“.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кина прва во светот: Ова се најголемите производители на електрични автомобили

(Видео) Како Renault го претвори Clio во бесно автомобилче