за

Каков избор на користено возило е Peugeot 307

Францускиот автомобил од компакт класата може да се добие во сите можни каросериски изведби. Единствено што кај него не може да се добие е издржливост.

Марката со лавот го претстави новиот модел од голф-класата во 2001 година и го произведуваше до 2008 година. Најевтините модели што се нудат на европските онлајн-берзи се достапни веќе од 1.700 евра. Станува збор за возило со добра просторна понуда и широка палета од каросериски варијанти, почнувајќи од комбилимузини со три и со пет врати, комби Break, комби-ван SW и кабриолет со преклоплив метален покрив CC. Оваа разновидност во понудата му обезбедува голема конкурентност на Peugeot 307 во класата, но затоа заостанува зад конкурентите во поглед на комплетноста на воздушните перници во кабината и безбедносната опрема. Наспроти повеќето конкуренти, Peugeot 307 доби шест воздушни перници и контрола на стабилност во сериското ниво на опрема дури кон крајот на 2003 година.

Предностите на Peugeot 307 се во релативно комфорното подвозје и пријатната работа на дизелите. Списокот на недостатоци и дефекти е многу подолг. Поради површната заштита на контролната единица за системите АВЅ и ЕЅР, постои опасност од кус спој и откажување на овие системи, но и од настанување пожар во возилото. Оваа опасност постои кај сите каросериски изведби на Peugeot 307 што се произведени во периодот од 2003 до 2006 година. Опасност од пожар произлегува и од каблите на електричното сервоуправување. Во обата случаи францускиот производител наложи големи сервисни повици и сопствениците мораа непланирано да ги посетат сервисните работилници поради отстранување на големата опасност од пожар. За жал, не остана само на овие две акции – вкупно седумпати сопствениците на Peugeot 307 мораа да ги посетат сервисите.

Проблемите што ги имаат сегашните сопственици на Peugeot 307 опфаќаат оштетени менувачи и турбополначи, зачепени филтри за чад, тропање од секое ќоше и истрошени зглобови.

Оцени според конструктивните групи
Подвозје

Дефекти во водењето на тркалата се јавуваат кај примероците стари 11 години, додека две години помладите модели дополнително имаат дефекти во амортизерите и пружините. Најголема слабост во ова подрачје се сферичните зглобови.

Сопирачки

Високиот процент на оштетувања на сопирачките дискови на Peugeot 307 е својствен и за останатите модели на францускиот производител. Покрај тоа, уште во раните години се појавуваат проблеми и со паркирната сопирачка.

Животна средина

Сите годишта на Peugeot 307 имаат проблеми со чистотата на издувните гасови. Протекувањето масло од моторот и менувачот исто така се случува многу почесто отколку кај конкуренцијата, додека издувниот систем почнува да предизвикува проблеми веќе кај возилата што се стари седум години.

ЧУВСТВИТЕЛНОСТ НА ДЕФЕКТИ

во споредба со други возила со иста старост · Peugeot 307

peugeot 307 koristeno

Крајна оцена

Според црвената и портокаловата боја коишто преовладуваат во табелата не се потребни многу зборови. Тој што и натаму се интересира за Peugeot 307 подобро дека не брза со купувањето и нека побара примерок со „посвеж“ технички преглед. Кај францускиот компакт премногу често се појавуваат протекување од моторот и целата погонска спрега, корозија во издувниот систем, како и чувствителни погонски зглобови што брзо се оштетуваат.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ова се велосипедските трендови за 2015

Државните субвенции ја одржуваат продажбата во Шпанија на рекордно ниво