Новиот автомобилски концерн Fiat Chrysler избра седиштето на фирмата да биде лоцирано во Холандија. Дали тоа е најава дека наскоро и италијанските фабрики ќе престанат со работа?
Гордоста на италијанската автоиндустрија Fiat ѝ го заврте грбот на Италија. Новиот концерн Fiat Chrysler Automobiles ќе има седиште во Холандија. Со акциите на концернот ќе се тргува на берзите во Њујорк и Милано. Тоа е денешното шокантно соопштение од Fiat. Во истото соопштение се навестува и можноста концернот да има второ седиште во Велика Британија, заради даночни повластици.
Италијанците го презедоа Chrysler пред две недели. Американската фирма ќерка на Fiat, за разлика од матичната фирма, заработува многу повеќе поради растечката продажба на автомобили на северноамериканскиот пазар. Само благодарение на Chrysler, Италијанците можеа да забележат позитивен биланс за минатата година. Нето добивката се зголеми на 1,95 милијарда евра, а без делот на Chrysler, Fiat ќе беше во загуба од повеќе од 400 милиони евра.
Зад шокантната преселба во Холандија стои голема симболика. Шефот Серџо Маркијоне со овој чекор испраќа предупредување кон Италија. Родениот Канаѓанец веќе со години се наоѓа во клинч на италијанските синдикати и не ја поднесува неефикасноста во производството во матичните фабрики во Италија. Оттаму може да се очекува наскоро целото производство на Fiat да биде преселено надвор од земјата.
Новото лого на алијансата со скратена ознака FCA изгледа мошне едноставно и ќе го замени старото во најкус рок. Логоата на одделните марки нема да се менуваат. Покрај Fiat и Chrysler, во новото претпријатие спаѓаат Dodge, специјалистот за пикапи RAM, Alfa Romeo, Lancia (присутна само во Италија), како и Jeep и специјалистот за тјунинг Mopar, кој работи и со моделите на Chrysler и на Fiat.